МТСП: Доколку работодавачот не дава отсуство за родител на дете под 10 години веднаш да се пријави на 151 31

Министерството за труд и социјална политика (МТСП) ги повикува сите вработени и сите работодавачи строго да се придружуваат до мерките кои Владата на Република Северна Македонија ги донесе на седницата одржана на 10.03.2020 за превенција од ширење на болеста COVID-19 (коронавирус).

Од Министерството информираат дека секое непочитување на препораката за ослободување од работни обврски на еден од родителите на деца до 10 годишна возраст треба да се пријави во Државниот инспекторат за труд на телефонскиот број 151 31.

Отсуствата од работа ќе се докажуваат со потврди кои ќе ги издаваат градинките и основните училишта, на име на родителот корисник на мерката за ослободување од работа поради грижа за дете со навршена возраст до 10 години, во кои ќе биде наведен и временскиот период за кој се однесува. Потврдите ќе треба да се достават до секторот за управување со човечки ресурси или раководителот/директорот на институцијата/компанијата во која работи, до терминот за пресметка на следната плата, додаваат од Министерството.

Во однос на прекинот на работата на дневните центри за згрижување на лица со попреченост, од МТСП укажуваат дека ослободувањето од работни активности на родители на деца/лица со попреченост е проширено на родители на деца и млади и над 10 годишна возраст. Родителите е потребно по истиот принцип наведен погоре да достават потврда дека лицето е корисник на услугата дневен центар за лица со попреченост.