„Да побараа да бидеме во ковид центрите, колегите ќе прифатеа без двоумење“, вели стажант на Медицинскиот факултет

Студентите од завршната, шеста година од студиите на отсекот Општа медицина на Медицинскиот факултет имаат задолжителна клиничка пракса во траење од околу седум месеци. Но, пандемијата изгледа како да ја промени насоката на оваа задолжителна програма на студентите кои пројавуваат интерес да помогнат во работата на ковид центрите.

Клиничката пракса на студентите им овозможува практично да го совладаат досегашното теориско знаење и нив им се отвораат можности тоа да го сторат на Клиниките за Интерна маедицина, Хирурија, Гинекологија и акушерство, педијатрија, семејна медицина, како и јавно здравје. Но, стажирањето претрпува измени поради пандемијата со коронавирусот, а најголем дел од студентите остануваат надвор од системот во време кога бројките на новозаразени се енормно високи, а докторите и медицинскиот персонал јавно говорат дека се преморени.

Претседателката на Факултетското студентско собрание на Медицинскиот факултет Теа Михајлова за Радио МОФ вели дека нивното право на пракса е ускратено поради пренасочувањето на клиниките под интерна медицина, како и клиниката за педијатрија во ковид центри.

Теа Михајлова

„На некои клиники вежбите воопшто не се одржуваат, некои се спроведуваат онлајн, но знаење за доктор електронски не се стекнува. И сега за сега никој не се залага за промена на истово. Посочуваат дека треба да се навикнеме и дека ова е новото нормално, но ние студентите во шеста година, која што за нас е од исклучително значење, откако ќе завршиме, ќе излеземе осиромашени за знаење“, подвлекува Михајлова.

Михајлова претпоставува дека одговорните сметаат дека ги заштитуваат студентите со тоа што не ги одржуваат вежбите и додава како тие „не согледуваат дека тоа е местото на коешто сакаме да се наоѓаме“.

Нејзини колеги, сепак, се вклучени во справувањето со пандемијата. Тоа го прават на начин што им помагаат на пренатрупаните служби во изготвување на епидемиолошките анкети и решенијата за самоизолација, за чие вклучување, Михајлова вели дека било ентузијастично прифатено и голем број од студентите се пријавиле.

„Не го направивме тоа затоа што е платено или ни ветиле вработување, напротив ништо од тоа не ни беше кажано. Го направивме затоа што сметаме дека е правилната одлука за еден млад иден доктор. По одреден временски период на Деканатска управа на Медицинскиот факултет беше изгласано ослободување на студентите-доброволци од партиципација при упис на летен семестар 2020/2021, како и доделување визири и маски КN95 на секој студент поединечно“, објаснува Михајлова.

„Да побараа од нас да бидеме присутни и во центрите за Ковид, сигурна сум дека колегите и ова ќе го прифатеа без двоумење“, децидна е Михајлова.

Таа вели дека ги поздравува донесените одлуки на Деканатот за нивните барања, но потенцира дека, нејзиниот став покрај тоа е дека би требало да им овозможат на студентите соодветна клиничка пракса. Разликата меѓу претходната и оваа година, посочува дека е драстична, додавајќи дека е свесна за таквата причина, и нагласува дека таквиот проблем има едноставни решенија.

„Едно од тие е она кое што Универзитетот ‘Гоце Делчев’ им го овозможи на студентите по медицина. Во секој случај, ние остануваме достапни во случај на итна потреба од медицински лица, паралелно вршејќи ја и таа малку пракса која што ни е овозможена, т.е. дозволена“, заклучува Михајлова.

Клиничка пракса во приватна болница

Состојбата пак, е различна за нивните врсници и колеги на Медицинскиот факултет на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Дел од студентите праксата почнаа да ја спроведуваат во Клиничката болница во градот уште на 15 октомври, а дел од нив на 9-ти месецов, почнаа да стажираат во приватната болница „Аџибадем Систина“ .

„За да се запазат сигурносните мерки, согласно со капацитетите на двете болници бројот на студенти кој ја обавуваат праксата не е поголем од 35, а бројот на студенти по оддел не е поголем од 5, Одделите на кои ја обавуваат праксата а воедно и задачите се предвидени и дефинирани во наставна програма. До јуни месец, сите студенти ќе изротираат по одделите, во двете болници. Постојано сме во контакт и со студентите и со менаџментот на двете болници“, изјавија од Медицинскиот факултет за Радио МОФ.

Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип

Впечатоците за соработката со приватната болница, од Медицинскиот факултет велат дека се позитивни.

„Прелиминарно се водеа разговори за соработка за реализација на турнусите од специјализациите, но менаџментот од ‘Аџибадем Систина’ ја понуди и реализација на практична настава на студентите од 6-та година. Секако, во вака отежнати услови за работа, кога треба да се прави баланс меѓу едукација и здравствена сигурност на студентите, оваа понуда беше повеќе од добредојдена. Воедно сакаме да напоменеме дека од нивна страна за студентите покрај превозот се организирани и бесплатни заштитни средства и храна за што сме им неизмерно благодарни. Искрено се надеваме дека соработката ќе продолжи и ќе се продлабочи во овој правец“, порачуваат оттаму.

Радио МОФ испрати и неколку прашања до министерството за здравство во врска со праксата на студентите од универзитетот во Штип во приватна болница.

„Станува збор за одлука на деканската управа на УГД Штип, за детали околу истата Ве молиме обратете се во Деканатот на штипскиот Унивезритет“, кусо ни одговорија оттаму.

Но, за разлика од студентите на последна година на факултетите низ земјата кои сè уште стажираат, нивните повозрасни колеги веќе се вклучија во работата на ковид центрите во септември, односно, педесетина млади лекари кои добиле лиценца за работа во јули, веќе се ангажирани на инфективните одделенија и на клиниките за третман на пациенти со Ковид-19. Како што информираше министерот за здравство Венко Филипче тогаш, тие се ангажирани со договор на дело со 30.000 денари месечно платена пракса.

Од МЗ пред речиси една недела информираа и дека триесетина приватни специјализанти ќе се вклучат во работата на ковид центрите, додавајќи дека ќе се направи распоред за ротација на сите млади лекари. Сепак, од здружението на лекари специјализанти реагираа дека во ек на пандемија е сериозен проблем што оваа група доктори работат за хонорари, без здравствено осигурување и со неплатени дежурства.

Инаку, македонските студенти уште во првите месеци од годината покажаа интерес да им помогнат на своите колеги. Сега чекаат нивното знаење да биде препознаено од надлежните институции.

Мартин Колоски