Македонските студенти по медицина на готовс: Со соодветна заштита може да помогнеме на презафатените колеги

„Во време кога и онака има дефицит од здравствени работници, зошто ние, идните доктори, седиме дома без никаков ангажман? Па со соодветна заштита верувам дека барем оние кои сме при крај со студиите можеме барем на некој начин да им помогнеме на и така презафатените колеги. Една анамнеза, едно мерење притисок, температура, било што… тоа што можеме! Доколку има потреба, тука сум (сме)!“

Иван Радев, студент на медицина

Ова е Фејсбук статусот на Иван Радев, студент по општа медицина на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.

За Радио МОФ вели дека се работи за негов личен став, но верува дека многу студенти по медицина размислуваат како него.

„Јас сум спремен доброволно да се пријавам, но и да покренам иницијатива кај студентите, доколку има доброволци“, вели Радев.

Откако минатата недела се затворија факутетите, по појавата на првите заразени со новиот коронавирус во земјава, и студентите по медицина беа пратени дома.

И Марио Петрески, претседателот на Факултетсото студентско собрание при Медицинскиот Факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, се упати кон својот дом во Кичево. Студентите по медицина, додава тој, во моментов се во своите домови, не одат на факултет и немаат обврски околу новонастанатата ситуација. Затоа упатија писмо до министерот за здравство дека постојат и се подготвени да помогнат.

„Студентите по медицина, особено оние од 6-та, 5-та и 4-та година се спремни да одговорат на потребите на нашата држава доколку има потреба од тоа. Ние како Факултетското студентско собрание на Медицински факултет – Скопје испративме и официјален допис до Министерството за здравство со цел да го известиме министерството и министерот дека идните лекари се спремни да помогнат во секоја ситуација која што ја гарантира нивната безбедност“, вели Петрески.

Фото: ФБ/СОМА-Студентски организирана медицинска асоцијација

И студентката Диана Илиоска, претседателка на СОМА-Студентски организирана медицинска асоцијација, вели дека досега никој не ја контактирал за помош во справувањето со епидемијата со коронавирусот, ниту неа, ниту пак други студенти од Медицинскиот факултет во Штип.  Вели дека во моментов ја чекаат онлајн наставата за студентите по медицина, која треба да почне до крајот на оваа недела.

„Во моментов не е појавена потреба за дополнителна мобилизација на медицински кадар и предлог за ваква мерка не е се уште упатен до студентите од страна на надлежните. Доколку таква одлука се донесе и кај нас, верувам дека студентите и на УГД и на другите два универзитети храбро би се приклучиле во борбата која секојдневно ја водат нашите доктори и медицински сестри. Но, секако се надевам дека епидемијата нема да заземе драматичен тек како во Италија“, вели Илиоска.

Италија во моментов е една од најпогодените држави во светот од новиот коронавирус, а здравствениот систем колабираше пред напливот на голем број пациенти. Затоа, државата реши да им ги укине последните испити на околу 10.000 студенти по медицина за тие да можат да се вклучат во здравствениот систем и да помогнат во справување со кризната состојба со коронавирусот Ковид-19 во земјата.

Италијанската влада најави дека ќе дозволи студентите на последната година на медицински студии да ги завршат студиите осум до девет месеци порано од предвиденото. Дипломираните медицинари ќе бидат испратени да работат во клиниките за општа пракса и во домовите на возрасните лица, ослободувајќи ги поискусните колеги кои ќе бидат испратени кон преполните болници.

[Подкаст] Што е муабетот со новиот коронавирус?

Ј.Ј.