„Црвениот фустан добро ми прилега“ – одбележување на Меѓународниот ден на сексуалните работници

Под мотото „Црвениот фустан добро ми прилега“ на 2 јуни, среда, во градскиот парк во Скопје ќе се одбележи Меѓународниот ден на сексуалните работници, во организација на „Здружение ХОПС“ – Опции за здрав живот Скопје, „СТАР“ – прв колектив на сексуални работници на Балканот и Коалиција „Маргини“. По поводот, сексуалните работници, активистите, блиските семејства на сексуалните работници и присутните на настанот ќе имаат можност да дадат силна поддршка за остварување на работничките, здравствените и социјалните права на овие лица. Настанот ќе започне во 10 часот изутрина, а ќе заврши во 18 часот попладне.

„Овој настан  има цел да испрати силни пораки од страна на сексуалните работници до јавноста, преку црвената боја која е симбол на страст и љубов и затоа нејзиниот лик се преточува во самодоверба и борба за подобро утре. На настанот ќе бидат прикажани црвени фустани кои сексуалните работници со гордост и достоинство ги носат, покажувајќи дека изборот на својата работа е лична одлука“, објаснуваат организаторите.

Оттаму дополнуваат дека Меѓународниот ден на сексуалните работници започнува да се слави 1975 година, на 2 јуни кога 100 сексуални работници ја окупирале црквата Свети Низиер во Лион, Франција.

„На овој ден групата на сексуални работници за прв пат колективно го побарале своето право за подобро живеење и работење. Овој настан е првата алка за започнување на меѓународно движење на сексуалните работници и борбата за остварувањето на нивните права. Од 1975 година па се до денес насекаде во светот се одбележува Меѓународниот ден на сексуалните работници“, нагласуваат организаторите.