#COP25 во Мадрид – Повеќе активности се потребни за безбедна клима

Активностите кои се преземаат за ублажување на климатските промени се недоволни за да имаме безбедна клима и иднина. Многу повеќе и поамбициозни активности се потребни за да го спречиме зачестувањето и влошувањето на последиците од климатските промени.

Ова беа клучните пораки на отварањето на 25-тата по ред конференција за справување со климатските промени на ООН која годинава се одржува во Мадрид, Шпанија.

Конференцијата првично требаше да се одржува во Сантијаго Де Чиле, Чиле. Но, на само еден месец од настанот, во државата започнаа масовни протести поради граѓанската незадоволство од актуелната власт. Се протестираше против екстремна социјална нееднаквост, корупција и нарушени човекови права. Шпанија се понуди да биде ко-домаќин на настанот и конференцијата да се одржува во Мадрид.

Фото: Елена Николовска

Домаќините на конференцијата за клима се менуваат секоја година со цел да се стави фокус на различни теми и аспекти на заложбите за климатските промени. Локацијата во Латинска Америка оваа година требаше да обезбеди дискусија за важноста од вклучување на сите чинители, социјална правда и обезбедување на праведен механизам за јаглероден пазар. Наместо тоа, конференцијата за клима се врати на европско тло.

„Најголемата неправда на климатската криза е што најмногу погодени се оние кои се најмалку виновни“, рече Антонио Гутиерез, генерален секретар на ООН.

Оваа конференција треба да обезбеди зголемена амбиција во националните заложби за ублажување на климатските промени, преку националните придонеси кон климатските промени но и дополнителни активности кои ќе обезбедат намалување на емисиите на стакленички гасови како пазарот на CO2.

Фото: Елена Николовска

Се очекува овој механизам да биде една од жешките точки за дискусија на конференцијата бидејќи членот 6 од Правилникот за имплементација на Парискиот договор кој го регулира пазарот на CO2 е една од работите околу кои делегатите на ланската 24-та конференција за клима во Катовице, Полска не можеа да се согласат.

„Делегатите од земјите на COP24 сметаа дека никаков договор е подобар од лош договор. Добрата работа е што и денес размислуваат исто. Доколку пазарот на јаглерод е добро дефиниран тоа може да значи удвојување на напорите за намаливање на емисиите на стакленички гасови“, објасни Јамиде Дагнет (Yamide Dagnet) од Светскиот ресурсен институт (WRI).

Во позадината на конференцијата за клима, 4000 активисти ја блокираат работата на 3 рудници за јаглен во Германија и бараат зголемување на заложбите за ублажување на климатските промени.

На 29-ти ноември се случи најголемиот марш за климатски промени во 2 300 градови низ светот како дел од „Петоци за иднината“ (Fridays for future). Во Скопје повеќе од 2000 луѓе маршираа за чист воздух.

Елена Николовска од Конференцијата за климатски промени на ООН во Мадрид