Цивил: Нападот на премиерот врз средношколците и студентите не смее да се дозволи

„Центар за слобода ги поддржува пленумите на студентите, средношколците, наставниците и родителите кои се изворни, натпартиски иницијативи и кои покажаа и докажаа дека во Република Македонија, сепак, постои граѓанска свест и култура“, стои во соопштението на невладината организација „Цивил“.

Од организацијата реагираат за неодамнешната изјава на премиерот Никола Груевски, кој за време на своето обраќање на Денот на независноста го искритикува формирањето на пленуми, нарекувајќи ги партиски.

„И студентите, и средношколците, покажаа ретко видена свест, солидарност и зрелост со сите свои постапки од првиот ден, сé досега. Со своето претставување на јавноста, аргументираниот пристап кон проблемите кои ги засегаат нив директно, но и целото општество, подготвеноста за дијалог, но и цврстината со која ги застапуваат своите ставови, идеи и предлози – младите им одржаа лекција на сите во оваа земја.

Од младите на Македонија може и треба да се учи.

Тие во текот на изминатите месеци, на студ и температури под нулата, по дожд и под жешкото сонце, на улица ги бранеа принципите на демократијата, барајќи да се престане со лошите реформи во образованието.

Младите на Македонија им се спротивставија на сите притисоци и етикети, на сите уцени и закани, а нив ги имаше многу. Останаа доследни како ретко кој во Македонија. Ја користиме оваа можност, уште еднаш, како и многу пати досега, да им честитаме, да ги поддржиме и да им посакаме успех во нивните напори да обезбедат нормално, современо образование за себе и за генерациите по нив.

Поздрав Пленумци!

Премиерот, неговиот министер за образование и останатите властодршци се директно одговорни за лошите реформи и тврдокорните постапки.

Настапот на премиерот, етикетирањето, ароганцијата и лажниот морал со кои ги нападна младите во својот говор по повод Денот на независноста на Македонија, најважниот датум во поновата историја на земјата, е крајно неприфатлив и неодговорен и заслужува најостра осуда. Особено поради тоа што ова тој го направи во уште еден обид да ги одбрани своите „ѓубре реформи“, како што тоа точно го квалификуваат Пленумци.

Демагогијата, непринципиелноста, нападите и лажните вредности со кои премиерот се претстави во својот говор по повод Денот на независноста на Македонија се вообичаени и на нив сме, некако, навикнати. Но, посегањето по младите не смее да се прифати! Нападот на Груевски врз  пленумите со етикетирање и обвиненија, не смее да се дозволи“, се вели во соопштението.