Марихуаната е лоша, екстерното добро, третото дете е хит – празнично обраќање на премиерот

Општата легализацијата на марихуаната не треба да се прифати. Тоа би донело до лоши последици долгорочно, е ставот на премиерот Никола Груевски во однос на прашањето за легализација на марихуаната за медицински цели, што го соопшти во обраќањето денеска по повод одбележувањето на Денот на независноста на Република Македонија. Во свoето обраќање тој се осврна и на образованието, наталитетот, реформите.

„Истовремено, прашањето за увоз и пуштање во употреба со лекарски рецепт на лек, кој е базиран на масло од канабис под строго регулирани услови, треба да биде опсежно проучено и јавно дебатирано, не од политичари или новинари или пак политички аналитичари, туку од лекари специјалисти во областите, фармацевти, доктори на науки и напредни научници исклучиво на стручна база“, истакна Груевски.

Потребно е, смета тој, темелно да се проучи затоа што, како што рече, во некои држави во Европа и САД овие лекови се дозволени, а во некои не, и какви се нивните искуства. Дури потоа, истакна премиерот Груевски, може да се завземе став по однос на овој вид медикаменти.

Во празничното обраќање премиерот се осврна и на екстерното тестирање за кое рече дека не е е совршено, но било подобрено во изминатите години. Во Франција, додаде Груевски, учениците ги растураат од тестирање.

„Пред некој ден случајно разговарав со еден пријател кој средното училиште го има завршено во Франција. Вели, завршив основно во клас во Македонија во кој од 30 ученици, 25 бевме со сите петки. Кога отидов во средно училиште во Франција, не растурија од континуирано тестирање. Бев шокиран од континуираните тестирања. Потоа на факултет полагал и државен испит во Франција. Но, кога завршил, и почнал да оди на интервјуа за работа во познати мултинационални компании, тестирањата му биле рутина и лесно ги поминувал. А тука кај нас ми вели, се креваат протести и демонстрации за еднаш годишно тестирање на знаењето со цел да се врати времето на реално отценување“, рече премиерот.

Осуда од негова страна стигна и за формирањето на пленумите.

„Формирањето на партиски пленуми, охрабрувањето на учениците наместо да учат, да протестираат против проверката на знаењето, ќе бидам отворен е катастрофа за општеството“, додаде тој.

Во своето обраќање премиерот најави и нови странски инвестиции, истакна дека да се има трето дете во семејство „станува хит и мода“ и вети дека оваа влада ќе продолжи со реформите.