Четири жртви во Мјанмар откако полицијата пукала на демонстрантите

Полицијата во Мјанмар употреби солзавец, шок-бомби и пукала во воздух во обид да го растурат големиот протест против пучот во земјата, во најагресивната пресметка со демонстрантите откако војската ја презеде власта.

Четири луѓе биле убиени во насилството, меѓу нив три лица во Давеи и едно во Јангун. Најмалку уште дваесетина луѓе се повредени според Агенцијата Франс Прес, пренесе Гардијан. Медицинските лица, кои беа во штрајк како протест поради државниот удар, се вратија на работа за да ги лечат повредените.

Снимки на социјалните мрежи покажуваат како демонстранти во главниот град носат раскрвавени луѓе на безбедни локации, а на една од снимките се гледа еден човек како безживотно лежи на пат. Сè уште не е познато дали ранетите биле погодени од куршуми.

Во Јангун на маршот на околу 10.000 демонстранти бил употребен солзавец.

„Ние бевме дел од маршот на инженерите. Полицијата почна да фрла солзавец врз нас од 9 часот. Бегавме во различни правци. Не знам што да правам сега. Ќе чекам овде и ќе видам што ќе се случува. Навистина е лошо, беше страшно“, изјавил еден демонстрант кој бил дел од маршот.

Многумина од демонстрантите носеле гас маски, капи и очила за заштита, по засилените насилни одговори на полицијата од саботата, кога биле користени солзавци и гумени куршуми за да се разбијат собирите. Според државната телевизија, повеќе од 470 лица биле уапсени на саботните протести.

Војската во Мјанмар изврши државен удар на почетокот на февруари и беа уапсени претседателот и премиерката на Мјанмар. Премиерката Анг Сан Су Чи не е појавена во јавност од почетокот на пучот, а нејзините адвокати велат дека не можат да се сретнат со неа. Таа е обвинета за нелегален увоз на токи-воки уреди и за кршење на законот за природни непогоди преку кршење на рестрикциите за коронавирусот. Таа треба да се појави пред суд во понеделник. Доколку е осудена за обвинувањата, таа може да добие забрана за повторно учество на избори во земјата.

Мјанмар беше под воена власт цели пет децении по пучот од 1962 година.