Мјанмар го блокираше Фејсбук по револтот поради државниот удар

Новата воена влада на Мјанмар која изврши државен удар и ја сруши власта во земјата го блокираше пристапот до Фејсбук каде граѓаните масовно го изразуваа револтот од настаните.

Преку социјалната мрежа се ширеа голем број повици за граѓанска непослушност како протест поради извршениот пуч врз демократски избраната влада предводена од премиерката Аунг Сан Су Чи.

Фејсбук е особено популарен во Мјанмар, платформа каде владата редовно објавуваше информации за своите активности, пренесува Еуроњуз.

Интернет корисниците велат дека ограничувањето започнало доцна синоќа, а телекомуникацискиот оператер „Теленор“ потврдил преку соопштение дека интернет провајдерите во земјата добиле наредба од министерството за комуникации привремено да го блокираат Фејсбук.

„Телекомуникациските провајдери во Мјанмар добиле наредба привремено да го блокираат Фејсбук. Ги повикуваме властите да го вратат пристапот на платформата за луѓето од Мјанмар да можат да комуницираат со своето семејство и пријателите и да имаат пристап до важни информации“, изјавил портпаролот на Фејсбук.

Владејачката политичка партија во Мјанмар, но и повеќе граѓански организации, ги повикаа жителите на граѓанска непослушност во револт од насилното преземање на власта. Вчера, втора вечер по ред, жителите на главниот град, Јангун, се вклучија во „гласни протести“ со лупање по лонци и тави и со свирење на автомобилски сирени во текот на ноќта.

Во меѓувреме Генералниот секретар на Обединетите Нации, Антонио Гутереш, изјавил дека сите надвор од Мјанмар треба да обезбедат државниот удар, кој се случи во понеделникот, да заврши неуспешно. Тој потенцираше дека воени интервенции се недозволени, додавајќи дека на сторителите на пучот треба да им се укаже дека ова не е прав начин за тоа како се владее со една држава.

Иако Советот за безбедност на ОН дискутира за осуда на настаните, се очекува Кина да блокира било каква резолуција со која би се осудил државниот удар.

По извршениот пуч во понеделникот, армијата ги уапси претседателот и премиерката на Мјанмар и против нив се подигнати обвиненија.

Мјанмар беше под воена власт цели пет децении по пучот од 1962 година.