Четири нови случаи на заразени со коронавирус, ќе се прогласи кризна состојба во општините Дебар и Центар Жупа

На денешната прес-конференција, министерот за здравство Венко Филипче соопшти дека ќе се воведе кризна состојба на дел од територијата на државата, односно во општините Дебар и Центар Жупа, а исто така додаде дека има уште четири нови пациенти, позитивни на коронавирусот.

„Денеска дојдоа за тестирање материјали од Центарот за јавно здравје во Дебар од уште десет лица кои што се во врска со втората група на хоспитализирани пациенти, вкупно 24, сите во домашна изолација, и тие десет покажале знаци за горнореспираторно заболување. Локалниот епидемиолог ги земал материјалите и ги прати на испитување, четири се позитивни. Значи имаме уште четири нови пациенти кои што ќе бидат префрлени на лекување на Клиниката за инфективни болести. Сите четири се со лесна клиничка слика“, соопшти Филипче.

Тоа била и причината за воведувањето кризна состојба во двете општини, а исто така била донесена и одлука за ограничување на движењето на луѓето кои што живеат во овие општини, во и надвор од нив.

Останатите пациенти, додаде Филипче, се во стабилна состојба, освен првата пациентка од Дебар, за која министерот вели дека има дополнително влошување на состојбата, и дека се наоѓа на граница за да биде поставена на апарат за механичка вентилација.

Претходно, претседателот Стево Пендаровски на прес-конференција соопшти дека е закажана средба на Советот за безбедност во понеделник на која ќе се разговара за кризата околу коронавирусот Ковид-19, на која се поканети да присуствуваат и Министерот за здравство и првиот човек на Генералштабот на армијата.

На средбата, како што рече Пендаровски, ќе се разгледаат сите можни мерки кои стојат на располагање во случај на влошување на ситуацијата меѓу кои прогласување кризна состојба во одредени региони, на ниво на целата држава или пак евентуално прогласување вонредна состојба.

Претседателот Пендаровски со голема резерва за спроведување на изборите поради коронавирусот