Претседателот Пендаровски со голема резерва за спроведување на изборите поради коронавирусот

Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, закажа средба на Советот за безбедност во понеделник на која ќе се разговара за кризата околу коронавирусот Ковид-19, на која се поканети да присуствуваат и Министерот за здравство и првиот човек на Генералштабот на армијата.

Како што соопшти Претседателот, на средбата ќе се разгледаат сите можни мерки кои стојат на располагање во случај на влошување на ситуацијата меѓу кои прогласување кризна состојба во одредени региони, на ниво на целата држава или пак евентуално прогласување вонредна состојба.

„Една од варијантите, за која морам да кажам дека сме многу далеку од носење на таква одлука, е воведување вонредна состојба. Според Членот 125 од Уставот, кој никогаш не е активиран, ако затреба тој точно ги покрива овие состојби – како загрозување на здравјето на граѓаните од поголем обем. На седницата на Советот за безбедност ќе ги разгоараме сите овие опции, бидејќи сакам да чујам што надлежните органи имаат да кажат. Ќе видиме што после седницата ќе излезе како препорака“, рече Пендаровски.

Претседателот изрази и резерви околу начинот на кој би се спровел изборниот ден на закажаните предвремени избори за 12 април.

„Мојата проценка е дека изборите, кои би оделе со една прилично редуцирана кампања само на социјалните мрежи, е возможна, но имам голема резерва за самиот ден на изборите. На нашите избори во просек гласаат по еден милион луѓе, внатре во државата имаме околу 3 илјади гласачки места. Пет члена и пет заменици на избирачкиот одбор, значи вкупно нашата изборна администрација брои 30.000 луѓе… Мислам дека претседателите на политички партии во следните 5-10 дена треба повторно да се навратат на ова прашање. За тоа треба целосен консензус, не треба да се брза со таа одлука, меѓутоа ситуацијата објективно се усложнува во делот на ентузијазмот на луѓето да гласаат. Јасно е дека здравјето е на прво место“, рече Пендаровски.