„ChatGPT“ ќе добие глас и ќе овозможи корисниците да комуницираат и преку слики

„ChatGPT“ на компанијата ОпенАИ добива големо ажурирање кое ќе овозможи виралниот чет-бот да има гласовна комуникација со корисниците и можност за интеракција преку слики, што овој производ ќе го приближат до популарните помошници базирани на вештачка интелигенција (ВИ) како што е програмата Сири на Гугл.

„Гласовната можност отвора врати на многу креативни примени, истовремено фокусирани на пристапноста“, напишаа од ОпенАИ во текст на нивниот блог.

Со новата опција за глас „ChatGPT“ ќе може да чита приказни за лека ноќ, да дебатира со луѓе или да чита на глас внесен текст од корисниците.

Од ОпенАИ велат дека ваква технологија користи Спотифај, со која овозможува на подкастерите да ги преведат нивните содржини на различни јазици.

Со поддршката за слики, корисниците ќе можат да направат фотографии од работите кои ги окружуваат и да го прашуваат чет-ботот прашања за тоа што можат да подготват од храната која ја имаат во фрижидер, зошто одредени уреди не функционираат или пак да анализираат комплексни графикони за податоци потребни за нивната работа.

Сличните ВИ сервиси, како гласовниот асистент Сири на Гугл, или пак Алекса на Амазон, се интегрирани со уреди и често се користат за да постават аларми и потсетници, како и да споделуваат информации од интернет.

По пуштањето во масовна употреба минатата година, „ChatGPT“ беше прифатен од компаниите за голем опсег на задачи – од сумирање на документи до пишување компјутерски програми што предизвика вистинска трка помеѓу технолошките гиганти во развивање нивни верзии на генеративна ВИ. Гугл планира да пушти негов одговор на „ChatGPT“ кој е наречен Џемини. Амазон, пак, вчера најави дека ќе инвестира 4 милијарди долари во ВИ стартапот Антропик, со цел да обезбеди поддршка на компанијата во нивните ВИ производи.

Новите услуги на „ChatGPT“ ќе бидат достапни за претплатниците на нивните „Плус“ и „Ентерпрајз“ планови во следните две недели.