ЦГК: За половина година склучени договори за јавни набавки со само една понуда вредни 283 милиони евра

За половина година, во постапки за јавни набавки само со една понуда биле склучени договори вредни 283 милиони евра, покажува најновиот Извештај од мониторингот за јавни набавки на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК).

Според клучните наоди од мониторингот и од Индексот на рационалност, просечниот број на понуди во јавните набавки се намалува, односно во мониторираниот период од јануари до јуни минатата година, паднал на 2.8 наспроти 3, колку што изнесувал во 2022 година. Дополнително, се наведува дека отсуството на конкуренција е особено загрижувачко во здравството.

„Одлуките што се донесуваат при спроведувањето на јавните набавки не се соодветно и прецизно образложени што фрла сомнеж врз објективноста и законитоста на постапувањата. Ова главно се однесува на одлуките за отфрлање на доставените понуди и за поништување на тендерите“, се наведува во клучните наоди на Индексот.

Во значаен дел од постапките, како што се наведува таму, не се утврдуваат количините на она што се набавува, со што, се оневозможува фирмите, како што посочуваат, да понудат пониски цени за поголеми количини на набавка. Ова, додаваат дека овозможува манипулација и злоупотреби во фазата на реализацијата на договорите.

„Во нетранспарентната постапка со преговарање без претходно објавување оглас, во првото полугодие од 2023 година склучени се договори во вкупна вредност од околу 11 милиони евра. Дури 91 % од овие договори се склучени во преговори со само една фирма. Најголема вредност на овој вид договори има АД Електрани“, велат од ЦГК.

Истражувањето на цените на тендерите за третман на кучиња, пак, покажал многу ниска конкуренција од само 1.5 понуда по тендер. За некои услуги, како што е „еднодневен престој на куче во прифатилиште“ највисоката цена била 244% повисока од просечната, а за друга услуга „заловување, транспорт до амбуланта и враќање“, највисоката цена била за 125 пати повисока од најниската цена.

Целосниот извештај и индекс можат да се најдат на следниов ЛИНК.