ЦГК: Општините за украсување на Новата 2021 година потрошиле 405.000 евра, 40% помалку од лани

За украсување на Градот Скопје и уште 15 други општини во земјава за Новата 2021 година се потрошени вкупно 405.000 евра, што е за 40 % помалку од лани, а новогодишни пакетчиња купиле 56 институции.

Ова се вели во истражувањето и базата на податоци што ги објави Центарот за граѓански комуникации (ЦГК).

Од украсување за новата 2021 година се откажале девет општини кои имале тендери за претходната година. 14 општини имале тендери за украсување и лани и годинава, а 3 општини и едно државно претпријатие немале лани, но имале тендери за новата 2021 година.

„За разлика од дочекот на ланската година кога тендери за украсување имале Градот Скопје и седум скопски општини, за дочекот на оваа година тендери имале Градот Скопје и уште три други скопски општини: Карпош, Гази Баба, Аеродром, но и Градскиот трговски центар. Украсувањето на Скопје и скопските општини вкупно чинело 298 илјади евра, што е три четвртини од сите пари потрошени за новогодишно украсување во земјава“, соопштуваат од ЦГК.

И годинава, најголем дел од вредноста на договорите за украсување добиле две скопски фирми – Линк Медиа Плус и Метал-Вет-Ел, а на половина од тендерите имало само по една понуда.

„Новогодишни пакетчиња за 2021 година купиле 56 институции. 14 од нив спровеле тендер, а другите 42 купиле пакетчиња во вредност под илјада евра за што не се спроведува тендер. Цените на едно новогодишно пакетче се движат од 150 до 1.249 денари“, велат од ЦГК.

Ова истражување се реализира во рамките на активноста Јавно трошење за јавно добро, поддржана од Проектот на УСАИД за граѓанско учество. Целта на оваа активност е зголемување на ефективноста на јавното трошење преку намалување на корупцијата и зголемување на транспарентноста.

За повеќе информации за работата на Центарот за граѓански комуникации – на веб-страницата http://www.ccc.org.mk/ и http://www.opendata.mk/.