Царовска: Постои можност за казни за училиштата кои не ги почитуваат владините одлуки

Министерката за образование и наука, Мила Царовска по информациите дека директорот на гимназијата во Дебар без дозвола од Министерството организирал настава со физичко присуство најави дека за таквите постапки ќе следуваат законски санкции.

„Секако дека можности за санкционирање постојат согласно законот. Одлуките на Владата се јасни и тие мора да се почитуваат, затоа што се во интерес на јавното здравје на населението. Јас разговарав со градоначалникот. Тоа е личен став на директорот и градоначалникот ми потврди дека прием на ученици со физичко присуство во таа гимназија нема да се случи, туку дека ќе се почитува одлуката на Владата, изјави Царовска.

На прашање како ќе се надомести таа наставата за оние училишта што се решија за бојкот, Царовска вели дека во моментов нема целосен бојкот во ниту едно училиште.

„Тоа се поедини ученици, кои јас сум сигурна, следејќи го трендот на пријавување и среќата кај учениците која се јавува и покрај онлајн наставата, дека ќе се приклучат на наставата. Поминаа само два дена, тоа се два дена со класни часови каде учениците се прилагодуваат. Секоја нова одлука, и промена на начинот на живеење е тежок. Но, јас сум сигурна дека полека сите ќе се прилагодат. Но, секако, доколку се појават недостатоци во учењето, ние како Министерство, заедно со Бирото за развој на образованието, имаме обврска да имаме надополнување на тоа учење. Дали би одлучиле тоа да бидат некои часови во летниот период, или наредната година да има дополнување на часовите кај оние ученици кај кои ќе се јави недостаток на знаењето ќе се договориме со Бирото. Сега е важно наставата да оди на начин на кој што е поставена“, додаде Царовска.