Царовска: Бојкот на наставата е неодговорно, да не го ризикуваме здравјето на најблиските

Неодговорни се најавите на бојкот на наставата, вели Министерката за образование и наука Мила Царовска додавајќи дека сите носат одговорност за заштита на јавното здравје.

Реакцијата на Министерката доаѓа откако вчера и денеска ученици од повеќе училишта низ земјава ја бојкотираа наставата која се одвива преку Националната платформа за учење на далечина, со барање да им се дозволи образование со физичко присуство во училиштата.

Царовска додава дека во исклучително посебни услови, во време на пандемија, успешно започнала учебната година, со тоа што дел од учениците наставата ја посетуваат со физичко присуство, под посебни протоколи, а дел следат од далечина.

„Има комисија којашто навистина си ја знае работата поврзано со епиодемиолошката состојба. Ако тие велат дека нашето јавно здравје е заштитено само на овој начин, а одлуките нивни се базираат на факти, јас ги почитувам и барам од сите родители, сите ученици, сите директори, сите градоначалници, да ја следиме нивната препорака, да ги следиме нивните одлуки, зашто само така можеме да се одржиме на ова ниво и понатаму да го намалуваме бројот на заразени во нашата држава. Се што ќе значи непочитување на нивните одлуки го носи во ризик нашето здравје, здравјето на сите наши најмили и тоа не е само флоскула, тоа се животи, тоа се нечии мајки, тоа се нечии татковци, тоа се нечии баби, тоа се нечии дедовци. Да не си ги ризикуваме животите на нашите најблиски, сакајќи на неконструктивен начин да покажеме незадоволство“, изјави Царовска.

Министерката повторно нагласи дека ова не е ситуација во која се наоѓаме затоа што сакаме, туку затоа што мораме и затоа треба да се носиме со ситуациите коишто се пред нас, со достоинство.