Цако го претстави својот 10-годишен поетски опус „Јас сум Цако“ 

„Бидете слатки, затоа што слаткоста е во душата ваша“.

Ова е пораката на Александар Матовски – Цако пред публиката во киното „Фросина“, каде вчера беше промовирана книгата „Јас сум Цако“, збирка поезија од овој млад човек.

Чествувањето на 10-годишниот поетски опус на Цако беше одбележан преку музички настап, танцова точка на „Денсерс јунајтед“, читање стихови од Ана Голејшка Џикова, но и проекција на видеото „Чија е оваа песна“.

Присутните се потсетија и на сите активности и животни достигнувања на Цако, како делчиња од мозаикот што ја сочинуваат синтагмата „Јас сум Цако“. Тоа е името на стихозбирката, но и името на радио емисијата што оди еднаш месечно на Радио МОФ и претставува негов личен белег.

„Чест ми е што книгата се вика како и мојата емисија. Верувам во нејзината моќ и таа ме прави горд. Знам дека ова е печат на мојот труд кој го вложив при самото создавање на книгата“, вели Цако.

Книгата е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, од каде посочуваат дека преку песните Цако созрева како автор. Богата е тематската разновидност, песните се нежни и едноставни и ги ниже како бисери, за секоја драга личност по една.

„Запишани се онака како што ги доживува, како лирски слики. Од нив извира чиста емоција, од некој кој животот го живее со полни гради и чие мото е: Човек, кога е со љубов, ќе постигне повеќе. Токму таа, љубовта, е централна тема во поезијата на Цако. Кон дедо му, семејството, неговиот идол Тоше, жените, природата, кон животот воопшто“, рече Татјана Димовска – Атанасовска од „Арс Ламина“.

Таа нагласи дека неговата поезија, како и се’ она што го прави Цако, се вистинска инспирација за луѓето со попреченост.

„Всушност, тоа е и главната порака во овие песни – кога се има љубов, се може се’. Оваа книга не е важна само како поетска збирка, туку дека испраќа и моќна порака. А, тоа е дека лицата со попреченост можат да ги поместуваат своите граници. Затоа е неопходна поддршката не само од семејството, туку и од системот воопшто“, нагласи Димовска – Атанасовска.

На настанот се обрати и мајката на Цако, Снежана Матовска. Рече дека книгата изобилува со бисери, во еден шарен свет на единствениот Цако, младото момче со Даунов синдром што ги руши стереотипите.

„Што би рекла Сузи од ‘Доза среќа’, Цако е мразокршачот. Тој што го пробива мразот, а пробивајќи го за себе, го пробива и за тие позади него. Мојата другарка Вања милуваше да каже дека Цако е роден со мила ѕвезда, што е точно, бидејќи на ова момче му се отвораат вратите. А, кога ќе ги отвори еднаш пред себе, не ги затвора, туку ги остава отворени за сите лица со попреченост, независно дали станува за Даунов синдром, или било која друга попреченост. Или, на крајот на краиштата, било каква различност на човек кој не е со типичен развој“, рече Матовска.

Таа кажа дека е горда што ги научила децата да живеат меѓу различности. Препорача на сите родители, особено на оние со попреченост, да не се срамат од своите деца и никогаш да не ги лажат, да им ја кажуваат вистината и реалноста, па макар некогаш била и сурова.

Од промоцијата на книгата „Јас сум Цако“ во кино „Фросина“

Инаку, Цако уште од рана возраст е вклучен во редовниот воспитно-образовен систем. Од две ипол годишна возраст почнал да оди во градинка. Основното образование го завршил во „Димо Хаџи Димов“, а средното во текстилното „Кочо Рацин“. Во 2019 година дипломираше на Педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски“ во групата предучилишно образование.

Александар Матовски – Цако повеќе од десет години тренирал карате во Ѓорче Петров и е носител на кафеав појас. Во моментов е дел од танцовиот клуб „Денсерс Јунајтед“, со кој има освоено повеќе државни и светски титули и златни медали. Член е на Здружението за инклузивни решенија КРИК и „Трисомија 21“. Автор е на „Јас сум Цако“, радиоемисија која пет години се емитува на Радио МОФ.

Тој е активист и борец за човекови права и правата на лицата со посебни потреби. Цако се има претставено со сопствена презентација на Светската конференција за лица со Даунов синдром во Обединетите нации. Поезија почнал да пишува на осумнаесетгодишна возраст. Од неодамна е дел од тимот на Град Скопје.

Бојан Шашевски