„Будење“ : Кампања за прифаќање на лицата со попреченост

По повод 21 март, Меѓународниот ден на лицата со Даунов синдром, неколку жени активистики го најавија почетокот на кампањата „Будење“ со пораката „Секој ден е добар ден за да се разбудиме, различноста е совршена на свој начин!“

budenje from Elena Fidanska on Vimeo.

Денешната прес-конференција ја одржаа Анче Туфекчиева, основач на здружението ВЕРА од Струмица; Даниела Мирческа, од Ресурсниот Центар на родители, Ирена Мила, Елена Фидановска, фотографки и активистки и Иванна Хаџиевска, социолог и медиумски соработник. Во своите излагања тие се осврнаа на моменталните состојби за децата и лицата со попреченост, нивните родители и семејства, како и промените што се неопходни за да се “разбуди“ општеството. Тие укажаа дека е потребно да се направат напори во општеството за прифаќање на лицата со попреченост, да се препознаваат нивните способности и тие да се афирмираат како рамноправни членови на заедницата.

Посебно внимание беше посветено на социјалните аспекти, важноста на сеопфатната инклузија и подобрувањето на образовните капацитети, а беше потпишан и меморандум за соработка меѓу здруженијата „ВЕРА“ и „ Даун“ центарот.

Активностите по повод оваа кампања ќе започна денеска во Струмица, со отворање на изложбата во Домот на културата „Антон Панов“, во 19:30 часот. Изложбата ќе биде поставена во повеќе градови во Македонија, во текот на наредните неколку месеци.