Изложба на фотографии за лицата со Даунов синдром ќе посети повеќе градови

Неколку жени, меѓу кои две мајки на деца со ретки болести сакаат да го одбележат 21 март, Меѓународниот ден на лицата со Даунов синдром преку изложба на фотографии. Нивна цел, како што велат, е да придонесат во будењето на летаргичното и дискриминирачко општество, но, и да се разбудат родителите на овие деца.

„Без разлика дали попреченоста е вродена или стекната, очигледна или невидлива, секојдневието на овие деца е малку поинакво. Тие на поинаков начин ги остваруваат своите соништа. И тоа не ги спречува да сонуваат, напротив! Нивната посебност се состои во нивните способности, не во пречката во развој. Да го започнеме ова „БУДЕЊЕ“заедно! Различноста е убава!“, велат

Активностите по повод оваа кампања ќе почнат на 21 март (понеделник), во Струмица, со отворање на изложбата во Домот на културата „Антон Панов“, во 19:30 часот. Изложбата ќе биде поставена во повеќе градови во Македонија, во текот на наредните неколку месеци.

Кампањата е организирана и поддржана од Здружението за помош и поддршка на лица со Даунов синдром „ВЕРА“и „Ресурсниот Центар на родители на деца со посебни потреби“. Уметничкиот дел го осмислија и сработија фотографките Ирена Мила и Елена Фидановска и илустраторката Верица Пиперевска, како и медиумскиот соработник Иванна Хаџиевска. Целиот проект е поддржан и финансиран од Општина Струмица и Комплекс Бела Вода – Струмица.