Бучавата не се сфаќа сериозно, во зоните за домување има од кафулиња до складишта за градежен материјал

Кафулиња, дискотеки, обложувалници во станбени објекти, врвулици од луѓе и гласна музика, молови изградени во сред град, индустриски капацитети, магацини или складишта за градежни материјали во зони за домување, огромен број стари и бучни автомобили, камиони, автобуси по улиците….

Причинителите на бучавата се многубројни, а тоа е значајно нарушување на животната средина, кое не се третира сериозно во земјава, пишува мета.мк. Изворите ги сретнуваме на секој чекор во нашата околина, но ретко некој граѓанин знае каде да се обрати и како да се избори за потивка средина.

С. Македонија нема Катастар на бучава, нема стратешки карти, а податоците од мониторингот не се секогаш достапни на најшироката јавност, иако сите директиви на Европската унија се транспонирани во домашното законодавство, а изработени се и правилници како подзаконски акти.

Според Извештајот во сенка на Поглавјето 27, бучавата може да е еден од сериозните нарушувачи на животната средина, доколку не се имплементираат веќе преземените обврски од европското законодавство. Од Центарот за климатски промени информираат дека Законот за бучава во животната средина ги регулира основните принципи за управување со бучавата во животната средина и е направен според теркот на европските закони. Дефинирани се изворите, граничните вредности, начинот на мониторинг и мерките за заштита

Според Сандра Стојковска, проектен координатор во Центар за климатски промени, анализата направена во рамките на Извештајот во сенка за Поглавјето 27, покажува главната ЕУ директива за бучава е целосно транспонирана во националниот закон, но во однос на спроведувањето има одредени недостатоци.

„Кога станува збор за мониторинг и мерење на бучава, се преземаат податоците од мерењата спроведени од страна на центрите за јавно здравје во четири градови во Македонија и тоа, Скопје, Куманово, Кичево и Битола. Според одредени анализи може да се согледа дека во поголемиот дел има надминување на граничните вредности за бучава кои се пропишани во законот“, вели Стојковска.

Посочува дека регулирањето на бучавата е проблем и од аспект на урбанистичкото планирање бидејќи еколошките дозволи, односно елаборати за животна средина, се издаваат вон законски прописи. Слично е и за планирањето за изградба на објекти од кои има ризик за надминување на граничните вредности на бучава на несоодветни локации.

Решението за сите проблеми, сметаат од Центарот за климатски промени, кое ќе придонесе за целосна заштита од бучава во животната средина, е пред се изработка на стратешки карти за бучава и акциони планови но и кога ќе ги има, нивно спроведување. Потребно е да се работи и на катастарот на загадувачи од бучава, но и на негово редовно ажурирање.

„Голем проблем, особено во големите градови е бучавата која доаѓа од комерцијалните објекти како кафулиња, ресторани, диско клубови, но и комерцијални објекти со други дејности. Сообраќајот е исто така голем проблем кога станува збор за бучава во урбаните средини. За таа цел неопходно е соодветно урбанистичко планирање, односно да се води грижа при планирањето на резиденцијалните објекти и издавање дозволи за работа за некои од горенаведените области. Комерцијални објекти чии активности може да предизвикуваат зголемено ниво на бучава не треба да добиваат дозвола за работа во делови од општината кои се предвидени за домување“, смета Стојковска.

Посочува дека неопходни се и измени во законот за градење кои ќе ги задолжат инвеститорите да поставуваат прозорци со подобра звучна изолација на зградите кои се наоѓаат во непосредна близина на големи сообраќајници.

Директивата за бучава во животната средина на Европската Унија бара секоја земја која го следи европското законодавство да има стратешки карти за бучава и за главните патишта, железници, аеродроми и агломерации со повеќе од 100.000 жители. Според Архуската конвенција, институциите мора да им обезбедат информации на граѓаните за нивната изложеност на бучава, нејзините ефекти и мерките што се разгледуваат за справување со бучавата.

Министерството за животна средина информира дека кај нив се собираат и обработуваат податоци од мерење на комуналната бучава и од  индустриските капацитети кои се задолжени да вршат мерења на бучава согласно Интегрираните еколошки дозволи кои ги поседуваат. Овие  податоци се дел од годишните извештаи за квалитетот во животната средина, што се објавуваат на веб страната на министерството, а последниот достапен е тој за 2021 година.

„Стратешки карти и Акциони планови за бучава се уште не се изработени. Сепак во 2011 година донесена е Уредба за агломерациите, главните патишта, главните железнички пруги и главните аеродроми за кои треба да се подготвуваат стратешки карти за бучава. Се планира да се започне со подготовка најпрво на Стратешките карти, а потоа и на Акционите планови со помош ИПА проект ,кој е во фаза на избор на најдобра понуда и кој ќе трае две години“, информираат од Министерството.

Од таму велат дека е воспоставена државна мрежа за мониторинг на бучава во животната средина преку донесувањето на Одлуката за формирање на државна мрежа за следење на животната средина во 2011 година. Мерењата на нивото на бучавата ги врши Институтот за јавно здравје и десет Центри за јавно здравје од кои само три, во Битола, Куманово и во Кичево и собираат и обработуваат податоци од мерењата од други лаборатории кои се однесуваат на бучавата создадена од различни категории создавачи на бучава како индустрија, аеродроми, угостителско туристички капацитети и други активности. Од Министерството велат дека во земјава постои и Катастар на причинители на бучава, но кој е во рамките на катастарот за животна средина.

Според преземеното европско законодавство, обврска на Градот Скопје, како и на Тетово, Куманово и Битола, како градови со над 100.000 жители, е да имаат изработено стратешка карта и акционен план за бучава, како и да воспостават мрежа за мониторинг на бучава во урбаната зона. Според документи поставени на веб страната на Градот Скопје, градските власти преземале обврска стратешката карта да ја завршат до 2015 година. Сепак, таму се наоѓа само карта на бучава предизвикана единствено од сообраќајот како причинител, но без податоци која година е изработена, ниту пак дали податоците редовно се ажурираат.

Од Градот Скопје за Мета.мк велат дека тие се надлежни само за контрола на бучавата од инсталациите кои имаат Б интегрирана еколошка дозвола. Од таму немаше одговор зошто нема стратешка карта и акциони планови, ниту пак, дали и колку контроли градските инспектори направиле во инсталациите под нивна надлежност, дали биле констатирани пречекорувања на нивото на бучава и дали биле изречени санкции.

Мета