Брзи Ковид-19 тестови, кои даваат резултати за неколку минути, ќе почнат да се употребуваат во посиромашните држави

Брзи дијагностички тестови за коронавирусот, кои покажуваат резултати за 15 до 30 минути, ќе бидат пуштени во употреба низ светот.

Светската здравствена организација (СЗО) вчера најави дека планираат да пуштат во употреба 120 милиони вакви тестови, од две различни компании, во земјите со мали или средни економии по цени пониски од 5 долари. Овие брзи и едноставни тестови, кои имаат висок квалитет, ќе овозможат масовни скрининзи на здравствените работници и други ризични категории во посиромашните држави.

Тестовите кои изгледаат како тестови за бременост, со две сини линии кои прикажуваат позитивен резултат, ќе бидат прегледувани од здравствени работници. Тестовите на едната компанија веќе имаат добиено итна дозвола од СЗО, додека другиот тест се очекува дозволата да ја добие наскоро.

Брзите тестови регистрираат антигени или протеини кои се наоѓаат на површината на вирусот. Тие се сметаат за генерално помалку прецизни, иако многу побрзи, од генетичките тестови познати како ПЦР. Компаниите кои ги произведуваат брзите тестови тврдат дека се 97% точни во оптимални услови. Проверките утврдиле дека во услови од реалниот живот, чувствителноста на тестовите се движи меѓу 80 и 90 проценти, што е доволно за да се регистрираат најголемиот дел од инфекциите.

„Овие тестови обезбедуваат доверливи резултати за 15 до 30 минути, наместо за повеќе часови или денови, за помала цена и без потреба од софистицирана технологија. Ова ќе овозможи проширување на тестирањата, особено во местата кои се тешко достапни и немаат лабораториски опреми или пак доволно стручни здравствени работници за извршување на ПЦР тестовите“, рекол директорот на СЗО, Тедрос Аданом Гебрехесус.

Во моментов има многу помалку тестирања во посиромашните земји. Додека во Северна Америка дневно се прават по 395 тестови на 100.000 жители и 243 во Европа, во Африка оваа бројка се движи на само нешто помалку од 16 тестови на 100.000 жители.

* Оваа содржина е изработена со помош на Европската Унија во рамките на Проектот за младинско изразување. За објавените содржини е одговорен Младински образовен форум и истите нужно не ги одразуваат ставовите на Европската Унија.