Бројот на убиени жени во светот минатата година бил најголем во последните 20 години, соопшти ОН

Обединетите нации соопштија дека бројот на убиени жени и девојки во светот во 2022 година се искачи на највисоко ниво во последните 20 години, пренесува Н1.

Околу 89.000 жени и девојчиња биле намерно убиени минатата година, објави телото на ОН за родова еднаквост и зајакнување на жените и Канцеларијата на ОН за дрога и криминал (УНОДЦ).

„Алармантниот број на фемициди е јасен потсетник дека човештвото сè уште се бори со длабоко вкоренетите нееднаквости и насилството врз жените и девојчињата“, рече извршната директорка на УНОДЦ Гада Вели.

Повеќе од половина од тие убиства, околу 55 отсто, биле извршени од членови на семејството или партнери, во споредба со околу 12 отсто од убиствата на мажи. Најмногу убиства на жени и девојки, околу 20.000, се случиле во Африка, а потоа во Азија, според извештајот на организациите на ОН.