Бројот на егзекуции во Саудиска Арабија двојно зголемен по доаѓањето на Мохамед Бин Салман на власт

Откако престолонаследникот Мохамед бин Салман практично ја презеде власта во Саудиска Арабија со ветувања за реформи и модернизација на конзервативното кралство, бројот на егзекуции во земјата се зголеми речиси двојно.

И покрај ветувањата дека смртната казна ќе се ограничи само на најтешките злосторства, извештајот на невладините организации укажува дека луѓето биле егзекутирани за ненасилни кривични дела или за дела што ги извршиле како деца.

Активистичките организации во вторникот соопштија дека бројот на егзекуции во Саудиска Арабија е речиси двојно зголемен за време на владеењето на кралот Салман и неговиот син, де факто владетел Мохамед бин Салман.

Бројот на извршени егзекуции е зголемен од просечните 70.8 егзекуции годишно од 2010 до 2014 година на 129.5 годишно откако кралот Салман ја презеде власта во 2015 година, се вели во извештајот на групата „Риприв“ и Европската саудиска организација за човекови права.

Повеќе од 1.000 смртни казни се извршени во Саудиска Арабија под сегашното раководство, наведуваат невладините организации, врз основа на официјални соопштенија, истраги и интервјуа со адвокати, членови на семејства и активисти.

Минатата година Саудиска Арабија егзекутирала 147 лица, се наведува во извештајот, според податоците собрани од АФП врз основа на владините соопштенија.