Бројни случувања викендов во Градски парк

Градскиот парк во Скопје викендов ќе биде исполнет со бројни случувања. Во сабота се одржува „Фестивалот на цвеќето“, Кампањата за борба против ракот на дојката „Напред розово 2014“, како и  манифестацијата насловена  „Денови на вашето милениче“.

Бројни случувања викендов во Градски парк

„Фестивалот на цвеќето“ ќе почнне во десет часот со цветно дефиле во кое ќе учествуваат 500 деца, а кое ќе тргне од плоштадот „Македонија“ и ќе се движи кон Градскиот парк.

Просторот наспроти „Паркот за миленици“ ќе биде поделен на три зони. Првата зона ќе биде зона за креативни работилници каде вработени во ЈП „Паркови и зеленило“ ќе пренесуваат искуства на сите заинтересирани, а особено на најмладите, како правилно да се садат и негуваат цвеќињата, како и да направат цветен аранжман. Студенти од Технолошко-металуршкиот факултет, пак, ќе подготвуваат креации инспирирани од цвеќе.

Во втората зона – зона за промоција, познати цвеќари и фирми за хортикултурно и пејсажно уредување ќе изведуваат мини градини заедно со стручни лица од ЈП „Паркови и зеленило“, Шумарскиот факултет, но и СУГС „Ѓорѓи Димитров“. Во овој дел граѓаните ќе можат и да купат цвеќе по намалени цени.

Во третата зона – зона за забава и еко-пикник, граѓаните ќе имаат можност да погледнат цветни перформанси, да вежбаат јога, аеробик и зумба на отворено и да слушаат музика.

Бројни случувања викендов во Градски парк

Факултетот за ветеринарна медицина пак во „Паркот за миленици“ ќе биде организатор на манифестацијата „Денови на вашето милениче“,која се одржува по втор пат. Целта на ова случување е да се промовира грижлив и одговорен однос кон домашните миленици.

По шести пат на Школка ќе се организира и кампањата за борба против ракот на дојката „Напред розово 2014 – чекори против ракот на дојка“ со цел подигнување на свеста кај населението за ракот на дојката.

Во недела пак на Школка е најавен четиричасовен настан со говорници и диџеи „Заедно против хомофобијата и трансфобијата!“.