Британскиот сој на Ковид-19 не предизвикува потешки облици на болеста, покажа нова студија

Многу заразниот сој на коронавирусот, првпат забележан во Велика Британија, или таканаречениот британски сој, не предизвикува потешки форми на Ковид-19 кај хоспитализираните пациенти, се наведува во научната студија објавена во медицинското списание „Лансет“.

Во истражувањето биле опфатени 496 пациенти со Ковид-19 кои биле примени во британските болници во ноември и декември минатата година и нивната состојба била анализирана во споредбена студија со заболените од другите варијанти на вирусот, пренесува Ројтерс.

Резултатите покажале дека кај заразените со сојот Б.1.1.7, односно британската варијанта, не е потврден повисок ризик од тешка клиничка слика во споредба со другите соеви.

Британскиот сој кој првпат беше откриен кон крајот на минатата година набрзо стана најраспространета варијанта од вирусот во САД, но и во многу други светски држави.

Друго истражување објавено во „Лансет“ пак открило дека вакцините најверојатно се ефикасни против британскиот сој бидејќи не било забележано раст на стапката на повторни инфекции во спроедба со другите соеви на вирусот. Студиите истовремено потврдиле дека варијантата Б.1.1.7 е многу позаразна од претходно доминантните соеви, а според британските научници британскиот сој е за 40 до 70 проценти позаразен од другите претходни варијанти на вирусот.