Борко, кучето-демонстрант, си најде дом

Неформалната иницијатива на Фејсбук „Да му најдеме дом на Борко – кучето што протестира“ денеска соопшти дека кучето конечно си најде дом, надвор од Скопје.

„Драги пријатели, ве информираме дека Борко е вдомен во прекрасно семејство! Жалиме што мораше да биде вдомен надвор од Скопје, но тука, колку и да беше сакан, постоеја луѓе кои сакаа да му наштетат. Оваа судбина ја делат многу улични кучиња во земјава, а Борко повеќе не е еден од нив. Можеби нема да го гледаме повеќе на на протести, но бидете сигурни дека сега е многу посреќен!
Вакциниран, избањат, си добива храна, љубов и нега секој ден и одлично се снаоѓа.
Нема да објавиме каде е вдомен, бидејќи неговото ново семејство инсистираше на тоа“, стои во објавата на Фејсбук.

Борко во својот нов дом

Претходно, кучето исчезна и го немаше ниту на улиците, ниту во стационарот Вардариште повеќе од две недели.

Борко стана познат во јавноста откако своја поддршка им даде на „Критична маса“, протестите на студентите, на хонорарците, на новинарите, како и на други протести. Ова жолто-бело куче беше редовен учесник кој ги предводеше колоните од граѓани.