Борјан Ефтимов е новиот студентски лидер на УКИМ

Борјан Ефтимов е избран за претседател на Универзитетското-студентско собрание на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Тој доби 26 гласа, наспроти неговиот противкандидат Александар Ѓорѓиевски кој доби 15.

– Сакам заедно да функционираме и да ги застапуваме студентите, бидејќи сам не можам ништо. Ќе се залагам да реализираме што е можно повеќе активности. Со работа почнуваме уште утре, ќе го контактирам Ректорот да ни се отстапат канцелариите на СПУКМ. Јас ќе бидам таму од 8 до 16. Во секое време канцеларијата ќе биде отворена, ќе може сите да дојдете да работите. Нема да дозволам да се вршат притисоци. Ние сме еднакви членови на академската заедница и како такви ќе бидеме третирани, рече тој пред присутните.

Гласањето се одвиваше во Ректоратот на УКИМ, во присуство на сите 46 членови (заедно со кандидатите) на факултетските-студентски собранија.

На гласањето претходеше презентација на програмите на кандидатите, по што присутните членови поставуваа прашања поврзани со проблеми со кои се соочуваат на своите факултети.

Тие побараа став од кандидатите за тоа колку би се вложувало во научни студентски трудови, кратење на додатни давачки кон факултетот, механизми за решавање на коруптивни дела, формирање универзитетска спортска лига, па до уредување на казнените сесии, отвореност за соработка на собранијата и поддршка на студентските медиуми.

Двајцата кандидати за претседател на Универзитетско- студентско собрание

 

Ефтимов e поранешен активист од Студентски пленум и се борел за универзитетската автономија. Во моментов, тој е дел од Факултетското студентско собрание на Правниот факултет и Студентската организација на истиот факултет.

Неговиот противкандидат, Ѓорѓиевски бил член, а потоа и заменик-претседател, за на крај да стане и претседател на Студентскиот парламент на ФИНКИ по изборите во 2016 година. Покрај ова, соработувал и со еколошки организации на проекти поврзани со аерозагадувањето, а во моментов е претседател на Факултетското-студентско собрание (ФСС) на неговиот факултет.

[Инфографик] Кои се двајцата кандидати за студентски лидер на УКИМ и што предлагаат во програмите?

Ова се први избори по оние во 2016, кога се бираше претседател на Студентскиот парламент – (СПУКМ), кога имаше индиции за нерегуларности, а за време на протестот пред седиштето на Студентскиот парламент, интервенираше и единица на ЕБР. Тие ќе останат запаметени како црна дамка во поновата историја на студентското организирање во земјава.

Е.П.