„Борис Трајковски“ без Аква парк и соларен систем, а од паркингот не се остваруваат приходи, утврди ДЗР

Државниот завод за ревизија (ДЗР) утврди низа слабости во работењето на спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје за 2023 година. За салата регистрирале нефункционални објекти, дотраена опрема, но и изгубена можноста за давање дополнителни услуги и остварување на дополнителни приходи.

Со ревизијата е опфатено и работењето на Аква паркот, при што утврдено е дека во 2023 година, вкупниот остварен приход изнесувал скоро 4,3 милиони денари, што е за 41% помалку од планираниот износ.

„Во 2024 година, Аква паркот е затворен поради економската неисплатливост, како и поради истечениот гарантен рок од 10 години на вградените реквизити, опрема и инсталации, период во кој изведувачите гарантираат за квалитетот на изведените работи“, соопштуваат ревизорите.

Дополнително, ревизорите укажуваат на неизвесност во однос на натамошното функционирање на вградениот „соларен систем“, кој се состои од соларни панели и топлински пумпи за загревање на пливачкиот базен.

Друштвото за набавка на „соларниот систем“ исплатил 26 милиони денари, а неговата сегашна книоводствена вредност е 2,85 милиони денари.

„Системот е ставен во употреба во 2014 година и функционирал со прекини заклучно до 2023 година, но поради утврдени технички недостатоци на соларните панели системот не функционира и за нив не е најдено ново соодветно решение“, потенцираат од ДЗР.

Истовремено, во извештајот истакната е пропуштената можност на БОРИС ТРАЈКОВСКИ ДООЕЛ Скопје за да оствари приходи од паркингот.

„Друштвото има стекнато право на користење, но со години наназад не остварува приходи од издавање на паркингот“, забележуваат ревизорите.

Во рамки на претседавањето на Македонија со ОБСЕ во периодот од 30 ноември до 1 декември 2023 година, друштвото по препорака на Владата му овозможило на Министерството за надворешни работи (МНР) логистичка поддршка и асистенција за адаптација за потребите на самитот на ОБСЕ, кое било извршено од МНР.

МНР склучило неколку договори со вкупна вредност над 124 милиони денари.

„Со ревизијата утврдено е дека не се доставени записници од МНР за потврдување на изведените работи и инсталирани добра и ствари кои останале во владение на друштвото. Исто така, не е постапено по одредбите од склучениот договор за соработка помеѓу двете институции, односно изведените работи и инсталирани (вградени) добра и ствари во друштвото, сѐ уште не се ставени во негово владение“, стои во извештајот.

Воедно, во извештајот ревизорите го обелоденуваат начинот на кој во 2011 година била изградена и опремена спортската сала „Борис Трајковски“, преку задолжување од Град Скопје за износ од нешто над 260 милиони денари.

Долгот кон Град Скопје требал да се отплаќа во три еднакви месечни рати, почнувајќи од 2011 година. Поради неповолната финансиска состојба на друштвото, враќањето на долгот е пролонгирано за 8 години и започнало дури во 2019 година, при што последната рата е исплатена во 2023 година.

„Имајќи предвид дека друштвото во континуитет од 2019 до 2022 година работело со загуба и неговата ликвидност била нарушена, сите средства за отплатата на долгот се обезбедени од Буџетот на државата за што била зголемена основната главнина на друштвото во корист на државата“, нагласуваат ревизорите.

Со извршената ревизија констатирани се и други состојби, како и слабости во работењето со готовината, начинот на евидентирање на залихите на суровини и материјали, нецелосно извршен попис, непропишани прецизни надлежностите за Надзорниот одбор, слабости во актот за систематизација и актите со кој се уредува начинот на пресметка на платите и други неправилности и неусогласености.

„Наведените состојби, неправилности и неусогласености од различна природа влијаат на изразување на мислење со резерва за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2023 година и неповолно мислење за усогласеноста со законската регулатива, упатства и воспоставени политики. За надминување на констатираните состојби дадени се препораки со цел преземање на мерки и активности од надлежните лица и органи во функција на подобрување на состојбите“, нагласуваат од ДЗР.

Бојан Шашевски