Борба под маски против ѓубриштето и загадувањето од Русино

Еден убав јунски ден од пандемичната 2020-та стана прилично неубав за граѓаните на Гостивар. Градот цел во чад, а луѓето – репризно се гушат. Тоа го вклучи алармот и отвори нова борба за долгогодишниот проблем со Русино. Граѓани застанаа против дивото ѓубриште од Русино, за да спречат ново трупање на отпад, палење и ново загадување.

„Стоп Русино“ е дел од иницијативите кои периодов беа активни под маски во време на Ковид-19. Иницијативи кои бараа начин да се самоорганизираат, да застанат зад своето право на протест и да вршат притисок за поквалитетен живот, социјална и еколошка правда. Радио МОФ токму на ваквите иницијативи го посвети својот последен подкаст „Мегафон“.

Активистката Марија Спасовска вели дека кога гори во Русино, со денови и недели не можат да отворат прозорец. „Штипе на гради“ дури и повеќе од најзагадените денови во скопско Лисиче.

„Дивото ѓубриште Русино во кое се депонира смет веќе 20 години – (во јуни) беше запалено. Дали беше запалено или самозапалено, не би навлегувале, тоа не го знаеме. Меѓутоа гореше и цел Гостивар беше обвиен во чад. Оваа локација што некогаш некој ја избрал – е погрешна. Кога таму чади, Гостивар директно го чувствува, и го чувствува веднаш. Да не зборуваме за другите влијанија коишто веќе долги години ги чувствуваат жителите на Бањица. Кој и да се качи горе сега на депонијата може да види дека исцедокот којшто е формиран од тој отпад е црн како Кока-кола, буквално. И тој исцедок, како што се симнува течноста од 800 метри надморска височина се слева во Бањичко поле, во околните реки и понатаму ја загадува цела животна средина. Да не заборавиме дека, ако некогаш некој слушнал за Бањица, тоа е локацијата од каде доаѓа(л) најубавиот бањички кромид, Исто така – бањички домат“, вели активистката од „Стоп Русино“.

Активисти на протест против Русино

Нејзината соборка Анастасија Дукоска вели дека иницијативата се ширеше на Фејсбук. За почеток, граѓаните се здружија преку дефиле. Одлучија на протест со 300 коли. Големиот одзив говореше дека поддршката од Фејсбук групата – е реална. Дека треба излезат да го решаваат својот проблем, додека земјава и светот решава друг проблем со Ковид-19.

„Затоа и со тешко срце го одлучивме протестот да биде со коли, првиот. Баш поради тоа. Заради тоа што имавме коментари ‘дечки се борите за чист воздух, а излегувате со кола на протест?!’. И, тогаш истапуваме со објаснување: ‘или ќе беше така, или немаше да биде – никако!“. И сега, од двете зла го биравме она помалото, за да го искажеме револтот, моравме со коли. Беше олеснителна околност кога луѓето слушнаа дека е со коли, дека нема физички контакт, близина, бидејќи беше јасно и гласно најавено дека не може да се излегува од автомобилите. Значи излегувате низ прозор, викајте, или свирете со кола. А, ние бевме двајца или тројца од првата точка на колите до последната – пешки, и викавме на мегафон“, раскажува Дукоска.

Тој протест заврши со качување до Русино. Сфатиле дека за да се справат со горењето морат да преземат нешто физички, а не само преку соопштенија и преку алармирање на социјалните мрежи.

Оттука, гостиварци од 2 август, на Илинден, почнаа со блокада на Русино. Граѓани неуморно стражареа и ја спуштија рампата за да не може да се депонира отпад. Веќе 2 месеци ги блокираат сите камиони освен оние на општина Гостивар, за која Дукоска вели дека се одзвала на повикот да се затрупа депонијата и да прекине горењето.

Блокада на Русино

„Значи, имавме одредени барања со кои практично го условивме Гостивар. ‘Ако сакате да фрлате, ако сакате да помогнете, мора да направите ова, ова, ова и ова’. Најглавно барање ни беше – да не гори! Затоа што од тоа горење ние излеговме (на протести и блокади). Во меѓувреме ги имавме сите јавни дебати. Беа претставници од министерство, претставници од Полошки регион, од швајцарскиот проект којшто треба да се имплементира… И, имавме поддршка од народот за ова што го правиме, затоа што веќе 60 дена Гостивар дише чист воздух, а ПМ честичките, во споредба со тоа какви беа пред 2 месеци, од 600 спаднаа на 0 и на 8“, потенцира Дукоска.

Гостиварци и локалното население меѓувреме имаа нови протести и акции. Со транспаренти „Русино е канцер на Гостивар“ и „Кога ќе пораснам, сакам да дишам чист воздух“ граѓаните во последната недела од септември се собраа и пред општината Гостивар. Бараа итно затворање, санација и изнаоѓање на нова локација за Русино, револтирани по изјавата на министерот за животна средина Насер Нуредини дека депонијата ќе се користи и во наредните години.

Потоа следеше нова средба со институциите. Последно беше градоначалникот Арбен Таравари да потпише дозвола за брзи мерки за инфраструктура во Русино. Истовремено, Регионалниот план за управување со отпад во Полошкиот регион, дополнет со план за изнаоѓање нова локација во рок од пет години, да биде одобрен од општините во регионот.

„Не сме само ‘на ветувања’. Јас му кажав на министерот, министерот сакаше да го скрати состанокот: ‘еј дечки, се договоривме 5 години, толку е тоа, да си одиме дома’. Јас реков: ‘Не! Со потписи!’. Значи, бараме Рагионалениот план да се смени“, вели таа.

Борбата на иницијативата продолжува. Ќе ги надгледуваат и следат постапките на институциите. Активистките се присеќаат дека досега работите одеа динамично, многу нешта требало да се испланираат набрзина. Сепак, задоволни се со трудот и сплотеноста на локалните граѓани.

„И ние научивме некои работи. Не само за активизам, туку и луѓето ги спознаваш околу себе. Многу беше убаво затоа што Гостивар е мешан град, целосно. И многу е убава онаа енерија која ќе се собере на едно место, и во суштина – тоа е тоа. Сите луѓе во основа сме исти. И кога имаме еден ваков исти проблем кој не’ засега, тука веќе не можеш да ставиш ниту етикета, ниту бариера“, вели Спасовска.

Таа смета дека луѓето мора да сфатат дека не е залудно кога кажуваш гласно што треба да се смени. Не се сите тие борби „во ѕид и во празно“. Вака или онака, вели таа, ако си доволно истраен и ако твоите барања се основани – некој ќе те слушне.

Дукоска дополнува дека се во борба со месеци, и уште трае таа борба.

„Нема да прекинеме. Значи, не е работата, ајде ќе пробаме, па ќе се откажеме ако не може на првата препрека. Ние имаме многу препреки, многу препреки! И, уште ги прескокаме!“, констатира активистката од „Стоп Русино“.

Бојан Шашевски

*Првичната верзија од темата е објавена во подкастот Мегафон