„Битолско движење“ најави блокада на влезот на Битола денеска напладне

Граѓаните здружени во „Битолско движење“ најавија блокада на влезот кон Битола, од страната на Охрид денеска напладне. Според нив, блокирањето на сообраќајот е ефективен метод за локалната и централната власт да престане да ги игнорира нивните барања.

„Обичните протести, се исцрпија како метод, затоа што станаа обични и анемични прошетки. Континуитет заради континуитет, симболика заради симболика. За еден метод да биде ефективен, треба да се процени неговото политичко, социјално и економско влијание врз тие што ги носат одлуките. Врз локалната и централната власт. Односно, дали задаваме удари со нашите дејства или ги амортизираат и ги игнорира“, се вели во најавата.

Тие бараат целосно повлекување на аболицијата и ослободување на сите демонстранти, како и отфрлање на обвинувањата против нив.

„Нема да дозволиме тивко и перверзно да ја цицаат нашата енергија и да го убиваат животот во нас! Ниту пак ќе дозволиме да нè заплашат со нивните информативни разговори. Стравот е за нив! Ние, сакаме да живееме. Овде. Достоинствено! И ќе се бориме за нашите животи!“, додаваат од „Битолско движење“.

Оттаму најавија дека блокада може да се одржи и со мал број на луѓе. Зборно место е дворот на црквата Св. Аранѓел.

Ова движење, во неколку наврати спроведе герила акции. Со транспарент „Честито аболиција“, двајца млади луѓе влегоа на свечената промоција на доктори на науки, во ректоратот на битолскиот Универзитет „Св. Климент Охридски“, каде поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска свечено беше промовирана за доктор на науки на Факултетот за безбедност. Претходно, се појавија и на прес-конференција на градоначалникот Владимир Талевски каде фрлаа пари со неговиот лик, откако Специјалното јавно обвинителство го отвори случајот „Транспортер“ поради сомнение дека градоначалникот учествувал во сторени злоупотреби со превоз за ученици.