Битолчани ѝ го честитаа докторатот на Јанкулоска со транспарент „Честито аболиција“

Група млади битолчани утринава со герила-акција ѝ го честитаа докторатот на поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, објави Мета.

Со транспарент „Честито аболиција“, двајца млади луѓе влегоа на свечената промоција на доктори на науки, во ректоратот на битолскиот Универзитет „Св. Климент Охридски“, каде Јанкулоска свечено беше промовирана за доктор на науки на Факултетот за безбедност.

Упадот ги остави без збор присутните во салата. Дури пет минути по настанот, ректорот на Универзитетот, Сашо Коруновски, им се извини на присутните.

„Се извинуваме за инцидентот. Со гордост можеме да кажеме дека секој кандидат што успеал да стигне до титулата доктор на науки како степен на стручна подготовка, поминал низ сериозен процес на селекција“, рече Коруновски, повторно извинувајќи се за инцидентот.

Кратко по настанот, промоторот на Јанкулоска зборуваше за нејзините дострели во кариерата, особено напоменувајќи го нејзиниот министерски мандат од 2006 до 2015 година. Тој нагласи дека Јанкулоска во овој дел од нејзината кариера потпишала 159 правни акти во името на Република Македонија.