БитолаНаТочак: Општината треба да ги слушне предлозите на граѓаните за новите патеки

Велосипедска патека во Битола

Фото: Димитар Ангелевски

По лавината коментари и критики на социјалните мрежи за новата вело – патека во Битола и правдањето на Општината кое го пренесеа локалните медиуми, дека ова се издржани решенија на експертите на Технички Факултет – Битола, со своја реакција се огласи и групата урбани велосипедисти БитолаНаТочак.

Реакцијата ја пренесуваме во целост:

„Проектот за изградба на вело патеки во Битола беше најавен пред 2 години. БитолаНаТочак и тогаш и сега смета дека изградбата на вело патеки е од суштествено значење за подобрување на безбедноста на велосипедистите во градов. Покрај тоа, во услови на енормна загаденост сметаме дека овој проект ќе придонесе за поттикнување на повеќе граѓани да го користат овој еколошки тип на урбан транспорт. Ако се земе предвид погоренаведениот интерес на граѓаните за овој проект, ние како граѓанска иницијатива ја поттикнуваме Општина Битола за реализација на проектот и даваме целосна поддршка на проектот за вело патеки, секако под услов консултирање на граѓаните кои секојдневно се на точак по битолските улици.

БитолаНаТочак уште од самиот почеток на неколку наврати бараше подетални информации за проектот од Општина Битола. Освен најави за истиот до пред извесно време не можевме да добиеме никакви информации. Во последните месеци развивме поинтензивна комуникација со Општина Битола за другите активности кои ги спроведувавме. Но и покрај тоа не успеавме да добиеме основни и точни информации за проектот вело патеки. Со оглед на тоа што не ни е овозможено да добиеме копија од проектот, во последниот период добивме на два наврати можност за увид во проектната документација на проектот. Со оглед на обемноста на истата не е можно истата да се разгледа во просториите на самата Општина Битола. Поради тоа упатуваме барање до Општина Битола да излезе во јавноста со основни информации за проектот и истиот да го отвори за консултации и предлози не само од експертската јавност, туку и од граѓаните кои секојдневно го користат точакот по битолските улици.

БитолаНаТочак не може да даде експертско мислење за проектот, но може заедно со сите заинтересирани велосипедисти да предложи фидбек за можни недостатоци во проектот кој ќе биде од особена корист и за граѓаните кои секојдневно возат точак, но и за Општина Битола. Ова е особено важно во оваа фаза пред реализацијата на проектот. Граѓанската иницијатива БитолаНаТочак е активна веќе две години и во изминатиов период ги поттикна граѓаните 24 пати на битолските улици да излезат со повици до носителите на одлуки во градот и државата за подобрување на условите за вело транспортот.

Апел до Општина Битола да не ги игнорира заинтересираните граѓани за овој за нив од особено значење проект и активно да ги консултира со оглед на тоа што тие се директно засегнати од проектот“.