[Фото] Велосипедска патека среде шеталиштето во Битола

Фотографија на која со бела боја е исцртана нова велосипедска патека во Битола предизвика низа реакции на социјалните мрежи. Ваквиот потег наиде на лавина коментари, бидејќи во Битола досега само се ветуваа велосипедски патеки, но малкумина се надеваа на вакви решенија.

Фото: Иван Чулакоски

„Од толку улици во градот, на пешачка зона ставија велосипедска патека, и тоа на средина на шеталиште“, се вели во еден од коментарите на ФБ страницата на групата „Битола сака чист воздух“. Други членови пак пишуваат дека воопшто не се зачудени и додаваат дека по ист принцип никнуваат и паркинзи низ градот.

Битола традиционално се вклучува во одбележувањето на „Европската недела на мобилност“, за да укаже на потребата од алтернативни средства за транспорт. Градоначалникот Владимир Талески веќе две години ветува реализација на проект со кој ќе се направат велосипедските патеки.

„Секаде онаму каде што ќе биде возможно да се движат велосипедистите и во договор со сообраќајната полиција, ќе биде направена велосипедска патека. Проектот ќе биде завршен и со новиот буџет ќе следува реализација на проектот „Велосипедски патеки низ општина Битола“, нагласи Талески, во септември, минатата година.