Битола со најотворен, а Росоман со најзатворен буџет, покажува новиот Индекс за отворени општини

Oтвореноста на општинските процеси минатата година било на минимално ниво, со просечен резултат од 35,2 на скала од 0 до 100, покажува новиот Индекс на отворени општини за 2022 година кој го објавува Здружението за истражувања и анализи ЗМАИ.

Највисока вредност на Индексот има Битола (77.8), додека најниска вредност има Росоман (4.8).

Само осум македонски општини имаат „задоволително“ ниво на отвореност – Битола (77,8), Валандово (75,1), Крива Паланка (75), Делчево (29м6), Центар (66,2), Струмица (65,6), Богданци (65,6) и Берово (61,7). 13 општини имаат „доволна“ отвореност на буџетскиот процес, додека најголем број од општините, вкупно 49, имаат „минимална“ отвореност. Недоволно ниво на отвореност имаат дури 11 општини.

„Целта на Индексот не е да ги критикуваме општините. Напротив, ние им даваме насока, кои параметри се потребни за да можат да обезбедат соодветно ниво на отвореност на буџетските процеси. Задоволни сме дека по само три години, соработка со општинските администрации гледаме напредок. Иако, се` уште има простор за напредок, бидејќи немаме општина со високо ниво на отвореност, односно 80 поени на Индексот. Сепак, според она што го гледаме ако општините продолжат во оваа насока, веќе следната година можеме да очекуваме и такво нешто. Се надеваме дека ќе се направи еден здрав натпревар меѓу општините, и тие ќе се трудат да ги „победат“ останатите во поотворени буџетски процеси. Драго ни е што немаме повеќе општини со 0 поени, тоа значи дека гласот на јавноста, сепак стигнува до сите“, вели Виктор Митевски од ЗМАИ.

Индексот за 2022 година покажува разлики во нивоата на отвореност меѓу урбаните и руралните општини. Општините со седишта во урбана населба покажуваат повисока отвореност, наспроти оние на кои седиштето се наоѓа во рурална средина. Но, според минималната отвореност на општинските буџети, каде спаѓаат повеќето од општините, нема разлики во однос на населеното место.

„Доколку се разгледуваат разликите помеѓу оценките по димензии се доаѓа до заклучок дека просечната оценка за димензијата транспарентност е 44, за димензијата вклученост и праведност е 16 и за димензијата отчетност 46. Оттука, очигледно е дека еден сигурен фактор за слабата отвореност на општините е слабото ниво на вклученост и праведност. Во секој случај, резултатите насочуваат дека е потребно унапредување на отвореноста на буџетските процеси во сите димензии“, се наведува во публикацијата.

Анализата на истражувачите покажува дека дури 96% од општините немаат процедури за вклучување на граѓаните во процесот на
планирање на буџетот, кај 85% од општините буџетот не бил достапен во отворен формат, додека 61% од општините немаат користено социјални мрежи за да информираат за буџетот.

Индексот на отворени општини за 2022 година може да го најдете на следниов ЛИНК.