Битка за „Даре Џамбаз“, планинарскиот дом на Водно

„Даре Џамбаз“ да остане планинарски дом, а не ресторан“. Овој апел деновиве нашироко се споделува меѓу планинари на социјалните мрежи, а доаѓа откако планинарскиот клуб „Бистра“ дозна дека повеќе нема да раководи со објектот. На нивно место доаѓа „Х2О“, кои претходно го добија планинарскиот дом преку оглас за закуп распишан од Федерацијата за планинарски спортови.

Планинарскиот дом „Даре Џамбаз“, кој го носи името на еден од основоположниците на планинарството во државава, е главно свртилиште за бројни рекреативци преку викенд, каде доаѓаат да се напијат пијалок по симболична цена, или само да одморат од искачување на планината. Просторот нуди и можност за пресоблекување, па и за преспивање.

Со него изминативе 40 години раководеше планинарскиот клуб „Бистра“, кој се смета за еден од најстарите и најактивни клубови. Но, приказната добива пресврт кога на неодамнешен оглас од Федерацијата на планинарски спортови, тие го губат планинарскиот објект, бидејќи формално не ги исполнуваат условите.

Коле Мајнов од ПСК „Бистра“ е револтиран на одлуката и најави дека ќе водат борба за да го повратат домот институционално, а ако треба и преку јавни протести.

„Веќе има доста членови кои се револтирани од таа работа затоа што верувајте таму планинарите веќе нема да влезат. Тоа мора да остане планинарски дом, не може да биде ресторан“, реагира Мајнов.

Прекрасниот панорамски поглед кој ги опфаќа Скопје, Скопската Котлина, Шар Планина и Скопска Црна Гора, го изгубија од ПСК „Х2О“. Но, Мајнов вели дека тие не се против клубовите што конкурирале, туку единствена цел им е „Даре Џамбаз“ да го задржи духот на планинарски дом.

Изминативе четири децении, „Бистра“ плаќаше кирија на Федерацијата за да го користи домот. Според Мајнов, досега инвестирале 50 000 евра лични средства, а единствена донација биле клупите.

Заедно со членовите, сега се уплашени дека домот ќе се претвори во комерцијално место.

„Ќе се зачува планинарскиот дух на домот“

Наспроти критиките во јавноста, Живко Темелковски од Федерацијата за планинарски спортови уверува дека „Даре Џамбаз“ нема да ја изгуби својата намена. Постапката, појасни тој, ја започнале откако договорот на ПСК „Бистра“ истекувал на 29 август годинава.

„На овој оглас можеа да учествуваат со свои понуди сите планинарски клубови од Македонија кои се регистрирани членки на ФПСМ. Исто така можеше да учествува како што и учествуваше со своја понуда и ПСК „Бистра“ Скопје. На отворањето на понудите на кое учествуваа и овластени преставници на понудувачите, понуди доставија 4 планинарски клуба. На оваа постапка најповолна понуда беше дадена од ПСК „Х2О“ Скопје. Понудата на досегашниот корисник на домот (ПСК „Бистра“), беше второпласирана“, изјави Темелковски за Радио МОФ.

Тој вели дека понудувачот согласно огласот, требало да достави и проект со кој се обврзува во рок од две години од потпишувањето на договорот да изврши санација, реконструкција, адаптација и ревитализација на планинарскиот дом според условите и потребите на објектот.

„Изведените инвестициски работи остануваат како  трајна вредност во планинарскиот дом „Даре Џамбаз” – Скопје и сопственост на закуподавачот. Понудата меѓу другото, согласно огласот требаше да содржи, понудена месечна закупнина , искажана без и со ДДВ, и вкупна вредност на инвестиција за првите 2 години со и без ДДВ и проект за санација, адаптација и ревитализација на објектот“, забележува Темелковски.

Вели дека критериумите по коишто се воделе биле висината на понудената месечна закупнина за што максимум поени биле 60, како и висината на вложени инвестиции за првите 2 години за кои најмногу се добивале 40 бода.

Темелковски гарантира дека сите понудувачи се обврзале да го зачуваат планинарскиот дух на овој планинарски дом.

„Објектот „Даре Џамбаз“ на врв Водно и понатаму ќе биде планинарски дом „Даре Џамбаз“, а не хотел, кафана, ресторан …“, повторува тој.

„Домот и понатаму ќе биде  сврталиште за сите планинари и рекреативци кои го посетуваат врв Водно и ќе биде место каде што за пристојни пари може да се купи чај, сок и други безалкохолни пијалоци, или едноставно да се одморат и да се пресоблечат во постојните но реновирани соблекувални. Истиот нема да се претвори во комерцијален угостителски објект во кој ќе нема пристап за планинарите и рекреативците кои се редовни гости на врв Водно“, додава Темелковски, нагласувајќи дека ова ќе биде утврдено во договорот со строги одредби.

„Даре Џамбаз“ е изграден во 1956 година, а од 1963 година е предаден на стопанисување на ПСК „Бистра“.

Мајнов смета дека борбата за домот е некоректна, бидејќи се пожали на опструкции во последните 5 години, од поранешни нивни членови кои се дел од Федерацијата.

„Во овие пет години ни покачија кирија, ни ги оставија трошоците“, забележа Мајнов.

Како пример за нивната загриженост го посочи случајот со планинарскиот дом на Матка, каде како што нагласи, денес има ресторан со непристапни цени за сите посетители.

Од Федерацијата, пак, велат дека планинари и други гости упатувале жалби за работењето на домот последниве години.

„Освен тоа од страна на ПСК „Бистра“ имаше опструкции кон ФПСМ во поглед на одредени договорни обврски кои тие ги прифатиле, а не ги исполнуваа. Доколку во постапката која се водеше за овој дом, ПСК „Бистра“ дадеше најповолна понуда, таа ќе беше избрана, но се разбира понудата ќе беше согласно бараните услови и критериуми во огласот“, вели Темелковски.

Но, битката за „Даре Џамбаз“ не е целосно завршена. Во моментов тече постапката за жалба на незадоволните понудувачи, информираат од Федерацијата. Мајнов, од друга страна, најави дека периодов, покрај домот, ќе се борат и за многу други работи.

Е.П.