Бирото за јавна безбедност ја истражува затворената група на „Телеграм“ каде се споделуваат експлицитни фотографии на малолетнички

Дополнителната заменик-министерка во МВР, Славјанка Петровска синоќа на Фејсбук најави дека Бирото за јавна безбедност започнало истрага за за затворената група на социјалната мрежа Телеграм каде се споделуваат експлицитни фотографии од малолетни девојчиња.

„Во врска со затворена група на „Телеграм“ во која средношколци споделуваат експлицитни фотографии од свои врсници, Бирото за јавна безбедност веднаш започна истрага за мотивите и целите на формирање на оваа група. За сите детали и наоди јавноста ќе биде известена, а против прекршителите на законот ќе се поднесат соодветни поднесоци“, напиша Петровска.

Дополнителната заменик министерка за труд и социјална политика Санела Шкријељ, исто така на Фејсбук, ги повика децата и родителите кои имаат потреба да побараат полош од центрите за социјална работа.

„Упатуваме апел до родителите и до сите девојки кои беа изложени во вознемирувачката група на Телеграм да исконтактираат со нашите центри за социјална работа (http://www.mtsp.gov.mk/WBStorage/Files/podracni.pdf). Нашите стручни тимови стојат на располагање за психолошко советување и помош“, напиша Шкријељ.

Како што веќе пишуваше Радио МОФ, преку тајна група на „Телеграм“ со наслов „Јавна соба“, македонски средношколци споделуваат и коментираат на интимни фотографии и видеа на малолетни девојчиња од земјава, најчесто нивни врснички. До Радио МОФ реагираа средношколци кои пристапиле до групата, и појаснуваат дека дел од сликите кои се објавуваат и коментираат се преземени од отворени профили. Сепак, додаваат дел биле испратени преку приватни пораки, но потоа се нашле во „Јавна соба“ на Телеграм. Најголемиот дел им припаѓаат на малолетни девојчиња.

По синоќешните објави од медиумите за постоење на групата, името на групата е сменето, а бројот на членови од 7400 падна на 6900.