Од таваните висат железни шипки, опасно закривени надолу како закана за секој што ќе се осмели да влезе. Чекорите се проследени со крцкање на скршеното стакло по подовите, а некои делови се непристапни поради купиштата урнатини и отпад.
Вака изгледа просторот на поранешната фабрика „Купром“ во скопската населба Хром, лоциран крај реката Вардар. Запуштен е триесетина години откако во средината на деведесеттите години на минатиот век, фабриката отиде во стечај.
Од некогашните индустриски погони, денес останале само полуурнати објекти, објави БИРН.
Од таму пишуваат дека ретките иницијативи да заживее просторов како јавна површина, од корист за сите граѓани, не се реализираа.
Локацијата била мета на интерес на инвеститорите во минатото, меѓутоа новото истражување на БИРН покажува дека постојат почетни услови таму да никнат нови станбени згради.
Општинските власти во Ѓорче Петров, во комуникација со БИРН, биле резервирани околу плановите за овој простор што се протега на 21.000 квадратни метри претежно државно земјиште. Го чекаат новиот ГУП, кој е во изработка, меѓутоа истовремено се свесни дека е неизбежен компромисот со градежниците.
Сопствениците на обете фирми, кои ги контактирале, исто така не дале конкретни одговори околу плановите за фабричкиот простор.
Радио МОФ веќе пишуваше дека фабриката за обоени метали e изградена во 1940-те, запуштена и напуштена повеќе од две децении, но со столбови и конструкција во солидна состојба. Токму оваа фабрика под стечај изминативе години стана еден од синонимите на т.н. „напуштени можности“, градби погодни за реупотреба и ревитализација, што би внеле нови моменти во заедничкото живеење во Скопје, наспроти насилниот урбанизам и градење објекти само поради генерирање профит.
Симболично, дел од спот на Druggy, но и на спотови на состави како „Бернејс пропаганда“, „Фулиш Грин“ и „Легијата“ се снимени во „Купром“.
Затоа организацијата „Културно ехо“ долго време бараше „Купром“ да се пренамени во културен центар, или студентски град. Особено што овој историски објект е дел од колективната меморија на граѓаните, а поради оваа фабрика се развиваат Хром и околните населби, како и целата општина Ѓорче Петров.
Со оглед што „Купром“ е поранешна топилница со хром, веројатно постои и контаминација на самото земјиште, па, за таа иницијатива за студентски град, првиот чекор беше да се направи физибилити студија. Ова барање го вклучија и на граѓанскиот буџетски форум што го организираше Зелен Хуман Град.
Иницијативата доби позитивно мислење од две министерства – Култура и Образование и наука, но и од Управата за заштита на културното наследство. Сепак, како што рекоа од „Културно ехо“, иако институциите нашле интерес во поднесената иницијатива, освен декларативна поддршка, немале храброст да преземат конкретни чекори кон нејзина реализација.
Се чека и одговор од Градот и Агенција за планирање на просторот, откако Општината Ѓорче Петров заедно организациите на 24 март 2021 година, заеднички поднесоа иницијатива за Генералниот урбанистички план за Скопје – постоечкиот или новиот што е во процес на изработка – основната намена на четврт СЗ 25, каде што се наоѓа фабриката, да биде променета од А (домување) во Б (Јавни дејности и институции).
Претходно низ годините и разни студенти преку магистарски студии имаа изработени целосни идејни решенија за просторот – за да биде ставен во употреба на младите во градот.
Последен активистички обид да се спаси „Купром“ од градежни апетити
Бојан Шашевски