Би-Би-Си: Талибанците ги блокираат Авганистанките да студираат во странство

„Откако Талибанците ги затворија универзитетите за жени, моја единствена надеж беше да добијам стипендија за студирање во странство“, објаснува 20-годипшната Авганистанка Наткаи, чие име е изменето поради нејзината безбедност.

Таа вели дека продолжила да учи и покрај тоа што има многу мали шанси да се запише на универзитет во нејзината родна земја.

Во меѓувреме добила стипендија да студира на Универзитетот во Дубаи во Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), која е дел од стипендиите наменети за Авганистанки по одлуката на Талибанците да им забранат студирање на жените во декември 2022 година.

Би-Би-Си добиле информации дека околу 100 жени од Авганистан добиле вакви стипендии, а некои студентки кои живееле во странство веќе отпатувале во Дубаи.

Сепак, на 23 јули, кога Наткаи се упатила кон аеродромот за да отпатува за Дубаи таа била запрена од аеродромските служби.

„Кога талибанските службеници ги видоа нашите билети и студентските визи тие ни рекоа дека девојки немаат дозвола да ја напуштат државата преку студентски визи“, објаснила таа за британскиот медиум.

Наткаи е само една од најмалку 60 девојки кои биле одбиени од службениците на аеродромот. Фотографиите до кои имале пристап Би-Би-Си прикажуваат млади жени кои носат црни хиџаби или марами на главите, како стојат покрај нивниот багаж во израз на шок.

Останатите студентки биле премногу уплашени за да зборуваат за медиумите.

Талибанците имаат забрането поединечни патувања за жени и единствено им дозволуваат да патуваат во странство заедно со сопрузите или пак со мажи во кои се во сродство, постапка позната како „махрам“, односно машка придружба.

Овие последни постапки на талибанските власти предизвикаа жестоки критики од групите за човековите права и меѓународни дипломати.

„Ова е значаен и алармантен чекор кој е надвор од огромниот степен на суровост кој Талибанците веќе го спроведуваат преку блокирање на пристапот на девојките и жените до образование. Ова е нивно ставање во заробеништво со цел да спречат оние кои се обидуваат да им помогнат да се школуваат“, вели Хедер Бар, од Хјуман Рајтс Воч.

Поранешната младинска претставничка на Обединетите нации од Авганистан, Шкула Задран, повика универзитетите да не се откажуваат од девојките.

Талибанците досега немаат дадено никаква официјална изјава или објаснување за овој случај.