Без топол оброк почна второто полугодие за учениците во Аеродром

Второто полугодие за учениците во Аеродром започна со проблем. Во сите седум училишта деновиве нема да има топол оброк за учениците со целодневна настава, поради што родители се приморани да ги земаат своите деца порано, или да понесат храна од дома.

„Она што нема да чуете денес е дека во општина Аеродром, тендерот за добавувач за храна не е завршен, така што родителите мора да се снаоѓаат како знаат и умеат да си ги земат децата до пладне, затоа што нема услови за целодневна настава. П.С. За сето ова известувањето стигна вчера вечер во 20 часот“, се пожали родител на Фејсбук, споделувајќи ја веста на Радио МОФ дека денеска започна второто полугодие.

Од општина Аеродром потврдуваат за „Фактор“ дека сите седум училишта на нивната територија, „Љубен Лапе“, „Лазо Ангеловски“. „Браќа Миладиновци“, „Блаже Конески“, „Димитар Македонски“, „Гоце Делчев“ и „Ѓоргија Пулевски“, деновиве ќе останат без топол оброк.

Проблемот настанал кога постапката за избор на фирма која ќе ги снабдува училиштата со храна задоцни откако една од компаниите поднела жалба.

„Едниот одговор на таа жалба од Бирото за јавни набавки веќе го добивме, а очекуваме денеска или најдоцна до крајот на неделава да го добиеме и другиот одговор што е неопходен. Тоа е причината што оваа постапка беше успорена, односно ненавремено завршена, но ќе заврши до крајот на неделава, и веќе од понеделник другата недела децата ќе имаат топол оброк“, велат од Општина Аеродром за Фактор.