Владата на Обединетото Кралство најави нов пакет мерки насочени кон проширување на зоните без чад, со кои би се забранило пушење и користење електронски цигари во автомобили во кои се превезуваат малолетни лица. Иницијативата има за цел дополнително да ги заштити децата од изложеност на чад и испарувања од тутунски производи.
Според предлогот на британското Министерството за здравство и социјална заштита, рестрикциите ќе важат за сите лица што ќе користат електронски цигари во возила каде има патници помлади од 18 години. Со истите измени се предвидува забрана и на детски игралишта, како и во непосредна близина на училиштата.
Надлежните институции посочуваат дека пасивното пушење го зголемува ризикот од сериозни заболувања, вклучително срцеви болести и рак на белите дробови, особено кај деца и лица со хронични здравствени состојби. Мерките се дел од поширока стратегија за намалување на штетите поврзани со употребата на тутун и за намалување на притисокот врз Националната здравствена служба.
Од предложените ограничувања би биле изземени угостителските тераси, плажите и другите отворени јавни простори, како и приватните домови. Предлогот треба да помине низ законодавна процедура пред евентуалното стапување во сила.
Извор: Танјуг



