„БЕСТ Скопје“ организира летен академски курс за роботика „Powerpuff Robots: Circuits, Sparks and Everything Smart“

„Зачекори во светот на сајбер иднината!“ е мотото на  БЕСТ Скопје (Борд на европски студенти по технологија), кои организираат  академски курс за роботика ,,Powerpuff robots: circuits, sparks and everything smart”, кој ќе се одржи ова лето.

„Сметаш дека си мотивиран студент со амбиции да контрибуира во највпечатливиот настан летово? Те интересира роботика, но истовремено сакаш да внесеш свежа енергија во твоето секојдневие? Ако одговорот на овие прашања е ‘да’,тогаш ти си човекот кој го баравме!“, велат од БЕСТ Скопје.

Во однос на ЛАК (Летен академски курс), посочуваат дека е еднонеделен настан дизајниран да обезбеди теоретски основи и практично искуство во рапидно развивачката област на роботиката и вештачката интелигенција.

„За реализација на академскиот аспект ќе се погрижат врвни професори од нашиот партнер факултет ФЕИТ, спремни да ја пренесат својата експертиза преку одржување предавања, работилници и дискусии“, соопштува БЕСТ Скопје.

Според нив, овој настан е уникатен поради културната размена. Односно, учесниците ќе работат во тим од амбициозни и ентузијастични истомисленици кои доаѓаат од Португалија, Шпанија, Германија, Турција и ред други европски земји.

„Ако сè уште не успеавме да те убедиме, можеби нашата широка палета на социјални активности ќе ти го привлече вниманието. Неповторлива шанса да запознаеш нови луѓе, а истовремено да ги подобриш своите вештини, без притоа да имаш било какво предзнаење, сè на едно место. Спремен ли си да го прифатиш предизвикот?“, стои во повикот за курсот.

Сите заинтересирани може да се пријават на линков и потоа организаторите ги очекуваат учесниците од 6 до 14 јули во просториите на ФЕИТ.

Рокот за пријавување е 20 јуни до 23 часот.

Инаку, БЕСТ Скопје постои веќе 23 години и е проактивна, неполитичка и непрофитна организација, која, како што велат, е раководена исклучиво од студенти чија цел е промовирање на студентската визија.

„Доказ за нашата долгогодишна традиција на подобрување на студентскиот стандард се настаните кои ги организираме: Саемот за Вработување и Кариера, Хакатон, Симпозиум за Едукација и многу други. Како интернационална организација сме една од 85те активни членки и настаните кои се под наше раководство се презентираат на конференции ширум Европа“, посочуваат од БЕСТ Скопје.

Фото: БЕСТ Скопје