Бесплатен јавен превоз во Скопје и прекин на градежните активности поради аерозагадувањето

Од денес јавниот превоз во Скопје повторно е бесплатен поради високото аерозагадување, соопшти на пресконференција градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов, додавајќи дека ќе се зголеми и фрекфенцијата на автобусите, а мерката ќе трае додека не се намали загадувањето во градот.

Шилегов посочи и дека се прекинуваат сите градежни активности на градилиштата кои се под надлежност на Град Скопје, а ги повика и останатите скопски градоначалници да го направат истото. Помеѓу другите мерки, градоначалникот информираше и дека ги задолжил надлежните институции на зголемено чистење на градските улици и булевари, зајакната контрола на фирмите кои доставуват стока, зголемување на инспекциските надзори на субјектите кои управуваат со отпадни гуми и отпадни масла, барање до МВР за забрана на транзит на тешки товарни возила низ Скопје и зачестени контроли на издувните гасови на возилата во сообраќајот.

Градоначалникот Петре Шилегов на денешната пресконференција

Шилегов апелираше до граѓаните да го користат јавниот превоз наместо своите автомобили и тоа да премине во навика, а за затоплување да не се користи отпад, гуми, прегорено масло, пластика и останат синтетички материјал.

„Доколку сите се откажеме барем малку од нашиот комодитет, резултатите ќе почнат да се гледаат многу брзо. Секој од нас има право да дише чист воздух, а обезбедувањето на тоа право е наша заедничка должност“, рече Шилегов кој на новинарско прашање одговори дека деновиве и самиот на работа ќе оди со автобус, со електричното возило од Градот или пеш.

Претходно Владата соопшти дека ги активирала итните мерки за ублажување на последиците од аерозагадувањето во градот Скопје, со кои се задолжуваат надлежните институции, покрај бесплатниот јавен превоз и да ги ослободат од работни обврски бремените жени, лицата со хронични болести и оние кои имаат над 60 години пренасочување на тешките товарните возила кои транзитираат низ Скопје на обиколницa, забрана за одржување спортски активности на отворено, дневно чистење на улиците, како и обврска за градежните компании да користат вода за намалување на градежната прашина.