Властите во Минск го продале двособниот стан на опозициската лидерка Светлана Тихановскаја и нејзиниот сопруг, затворениот блогер и поранешен потенцијален претседателски кандидат Сергеј Тихановски, јавува Радио Слободна Европа.
Станот од 66 квадратни метри во главниот град на Белорусија беше продаден на 26 јули на неодреден добитник на аукција за 203.687 рубли – околу 80.740 долари. Станот, кој државата официјално го заплени во септември, беше продаден откако претходно беа откажани две лицитации.
Тихановски во 2021 година беше осуден на 18 години затвор заедно со неколку други мажи.
Обвиненијата против нив вклучуваат поттикнување масовни немири, поттикнување општествена омраза, попречување на работата на Централната изборна комисија и организирање активности кои го нарушуваат општествениот ред. Обвинетите и нивните поддржувачи ги отфрлија обвиненијата како политички мотивирани.
Судот во февруари го осуди Тихановски на дополнителни 18 месеци затвор откако го прогласи за виновен за „очигледно кршење на внатрешните прописи на затворот“.
Популарниот видео блогер Тихановски ја објави својата претседателска кандидатура за изборите за 2020 година, предизвикувајќи го белорускиот моќник Александар Лукашенко, кој се кандидираше за реизбор. Тихановски беше дисквалификуван и уапсен пред гласањето.
По апсењето на Тихановски, и неговата сопруга најави претседателска кандидатура, мобилизирајќи ја опозицијата. Опозицијата и западните земји не ја признаа убедливата победа на Лукашенко и велат дека тој ги наместил резултатите во своја полза. Тие веруваат дека вистинскиот победник на изборите е Тихановскаја.
По тврдењето на Лукашенко за победа на изборите следеше бран протести, а десетици илјади луѓе беа приведени, додека неколку беа убиени. На мета се и независните медиуми, организациите за човекови права и опозициските групи.
Тихановскаја живее во Литванија откако ја напушти Белорусија, загрижена за нејзината безбедност и за безбедноста на нејзините две деца.