Бектеши: Новиот Правилник за обновливи извори создава услови секое домаќинство да постави фотоволтаик и да ја продава произведената струја

Направени се измени и дополнувања на Правилникот за обновливи извори на енергија со кои се овозможува граѓаните и компаниите да произведуваат електрична енергија на нивните покриви и да ја продаваат нејзиниот откупувачот и дистрибутер, информираше министерот за економија Крешник Бектеши на денешната прес-конференција.

„Со измените се овозможува потрошувач-производител да постави производна постројка
со поголема инсталирана моќност со цел целосно да ја задоволи својата потрошувачка и воедно да пласира поголема количина во мрежата, со што за одредени категории субјекти целиот концепт станува поатрактивен“, рече министерот.

Тој додаде дека со овие измени, се овозможува секое домаќинство, мал потрошувач и буџетски корисник да склучи договор за снабдување и предавање на вишокот на произведена електрична енергија со кој било снабдувач со електрична енергија, вклучително и со универзалниот снабдувач, при што вишокот на преземента електрична енергија во пресметковниот период е просечната набавна цена на електричната енергија која универзалниот снабдувач ја набавува за домаќинствата и малите потрошувачи.

Од Министерството информираат дека со цел да се поттикне инвестирањето во обновливи извори на енергија, Владата, на предлог на Министерството за економија ја донесе Програмата за промоција на обновливи извори на домаќинствата за 2022 година.

Согласно тоа, Министерството во наредниот период ќе распише јавен оглас, на кој заинтересираните домаќинства ќе имаат право да аплицираат за остварување на надомест на дел од трошоците за купување и инсталирање на фотонапонски панели за производство на електрична енергија за сопствена потрошувачка.

Со цел поедноставување на процедурите за инсталирање на фотонапонски системи на кров за производство на електрична енергија за сопствена потрошувачка, Министерството за економија достави предлог до Министерството за транспорт и врски да се направат измени во Законот за градење односно да се избрише одредбата со која општината издава решение за поставување на фотонапонски системи на кров за потрошувачите-производители.