На 15 јуни, недела, од 12 до 18 часот, во Културно-едукативниот центар „Лабораториум“ ќе се одржи ново издание на „Artisan Sunday“, во организација на „Re:store“ маркет.
„’Artisan Sunday’ е уникатно искуство за креативци и љубителите на одржливата мода со тоа што го комбинира духот на бувјак со современи базари и цели кон создавање на инклузивна, креативна и инспирирана заедница. Ќе може да се најдат уникатни користени модни парчиња од различни стилови и времиња, предмети, мебел, детски аксесоари, внимателно одбрани и презентирани од повеќе независни учесници“, велат од „Лабораториум“.
На настанот ќе бидат присутни повеќе од 30 изложувачи, ќе се продаваат винили, ќе се одржат DIY работилници водени од македонски уметници, ќе се разменуваат растенија и ќе се игра и пинг понг. Повеќе диџеи ќе имаат сетови, а вратите ќе бидат отворени и за сите домашни миленичиња за кои е креиран и специјален освежителен коктел.
Настанот вклучува богата и разновидна програма како креативни зони и рачни изработки: Мартина Cameloon ќе изработува персонализирани привезоци од епоксидна смола, Ботега Азура ќе презентира функционални ламби изработени со оригами техника DIY и upscaling работилници отворени за сите посетители.
Продавачи на винили ќе селектираат плочи и ќе пуштаат музика во живо и диџеј сетови ќе има во текот на целиот ден. Дополнително, ќе има и размена на растенија со Цветко и пинг-понг зона за дружење и забава.
Денот е посветен на кучињата, па така, освен специјален промотивен пијалок за миленичиња, ќе има и попуст на пијалок за сопственикот.
„Re:store“ е иницијатива која се залага за одржлива мода и креативно реупотребување на текстилот. Основан во 2012 година во Дебар Маало, „Re:store“ повторно ги отвори вратите во октомври 2024 година, како дел од КЕЦ „Лабораториум“ (бул. Св. Климент Охридски 68, Скопје). Нуди внимателно курирана облека од втора рака и редизајнирани парчиња со уникатен карактер, претставувајќи вистинска алтернатива на брзата мода.