Повикувањето на одговорност за изразено „негативно мислење“, на начинот на којшто е дефинирано, е спротивно на сите демократски практики и може да предизвика медиумско самоцензурирање, реагираат од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за Предлог-законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, кој е во прва фаза на читање во Собранието.
„Можноста за санкционирање поради искажано негативно мислење остава простор за злоупотреба и казнување на медиумските професионалци. Новинарите се гласот на јавноста и тие честопати при вршење на својата работа упатуваат критика за одредени политики или појави во општеството и на тој начин поттикнуваат јавна дебата и придонесуваат за поголема одговорност, отчетност и транспарентност на претставниците на власта“, се вели во нивната реакција.
Од АВМУ потсетуваат дека правото на слобода на изразување е уставно загарантирано право и е гарантирано и со Европската конвенција за заштита на човековите права. Ова право, како што посочуваат, ги опфаќа слободата на мислење и слободата на примање и пренесување информации или идеи, без мешање на јавната власт.
Сепак, од Министерството за правда велат дека се работи за грешна формулација и дека ќе биде поправена преку амандман.
Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета е донесен во 2012 година, со што клеветата и навредата беа декриминализирани во Македонија.
Предлог-законот е ставен на дневен ред на 90-тата седница на Законодавната-правна комисија на Собранието, која треба да продолжи со работа во понеделник во 13 часот.
Предлог-закон кој ќе казнува „негативно мислење“, надлежните велат дека е грешна формулација