Tроика Студио и издавачот „Галерија 8“ почнуваат со проектот „Аудио книги од домашни и светски автори“. Како што најавуваат издавачите, аудио книгите се наменети за сите што немаат време да седнат и да ги прочитаат своите омилени автори, но со посебен фокус на слепите и слабовидни лица и нивна вклученост во сите сфери на живеењето.
– Создаваме импозантен аудио фонд на книги кој има за цел не само да ги задоволи основните и неопходни наслови, туку да биде во тек со светските и домашни наслови и автори. Целта е светските текови и трендови на пишаниот збор да бидат достапни веднаш по објавувањето, преведувањето на македонски, на обично, визуелно писмо, посочуваат издавачите.
По терк на светските искуства, аудио делата ќе може да се слушаат во автомобил, при рекреација или за време на одмор и работа во домот. Проектот стартува денеска во „Галерија 8“ со промоција на аудио изданието „Идиотски приказни“ на младата македонска авторка Ксенија Николова. Актерската изведба е на Гордана Ендровска и Анастас Тановски.