Ксенија Николова: Не смееш да ја брзаш уметноста, не можеш да ја брзаш инспирацијата

Ксенија Николова е млада писателка која деновиве ја промовираше својата втора книга „Идиотски приказни“. 25 годишната скопјанка, во кратко интервју за Радио МОФ зборува за тоа колку е важна спонтаноста и оригиналноста при пишувањето на една книга, за младите писатели, но и за животот во Скопје.

ksenija

Вашата втора книга е насловена „Идиотски приказни“. Како се роди идејата за една ваква книга?

Идејата за „Идиотските приказни“ да биде такви какви што се, е сосема спонтана и мислам дека стилот на раскажување на приказните некако си го издиригира насловот. Идиотски приказни не значи дека приказните се лоши, тоа секогаш ќе ме праша некој зошто идиотски приказни, па ти не си идиот, како можеш да раскажуваш идиотски приказни… Јас не ги раскажувам приказните само од моја гледна точка, приказните се напишани од различни луѓе, во машки и во женски род, од различни аспекти, и сето тоа што ги сврзува е „идиотизамот“, сите тие луѓе немале храброст да си кажат во очи што мислат еден за друг, туку го напишале на хартија и го скриле од светот, и потоа еве јас како наратор сум го собрала тоа се заедно во една книга.

А колку е голема разликата меѓу вашата прва книга и оваа?

Мислам дека зрелоста на пишувањето е разликата, стилот е малку помрачен сега од што беше порано и тоа е веројатно нормално со годините затоа што сфаќаме дека животот не е толку едноставен како што сме мислеле, како кога сум имала јас 20 години и кога ја напишав мојата прва книга. И можеби затоа, песимизмот и разочарувањето од општеството си доаѓа некако логично и нормално и последица е пишувањето да биде малку помрачно.

11Најголем дел од „идиотските приказни“ се однесуваат на младите. Како, според вас, живеат младите во Скопје, какoв e животот во градот..?

Не знам што да кажам, затоа што последнава година некако се повлеков од градов, не излегувам толку многу, си се движам во свои кругови кои се позатворени, оти ми пречи гужва, ми пречат лажни муабети, лажни насмевки, не почитувам, не поздравувам. Скопје е дефинитивно убаво место за живеење со ете луѓе кои што можеби треба малку повеќе да си го берат своето гајле отколку туѓото, ама јас тоа не можам да го сменам така што и не ни размислувам многу за градот, искрено.

Колку е тешко еден млад писател да се пробие на македонскиот книжевен пазар?

Пробивањето и популарноста не е толку битна во пишувањето, бидејќи пишувањето пред се треба да го правиме сами за себе. Убаво е луѓето те знаат, бидејќи кога те знаат можат да знаат дека правиш нешто, меѓутоа не е толку тешко да се пробиеш особено ако веруваш во тоа што го правиш, и е добро и оригинално и отскокнуваш од некој просек, од некоја секојдневност, луѓето во Македонија се заинтересирани за нови работи, има се на социјалните мрежи преку кои да не се лажеме, многу нови луѓе се пробија, така што лесно е, не е толку тешко, едноставно треба желба и да си останеш доследна на тоа што го правиш.

Но, што е потребно за една млада авторка, како вас на пример, за да виде успешна?

Не знам.. Бидејќи јас не се сметам себеси за успешен автор, не знам и дали некогаш ќе кажам „леле еве јаа го постигнав тоа што го сакам, сега сум многу задоволна и сум многу успешна“. Не сум амбициозна, не сум жедна за многу, за повеќе и повеќе, не сум таква, меѓутоа сакам да го правам она што го сакам. Мораш да бидеш своја, мораш да бидеш оригинална, не смееш да се повторуваш, мора да имаш интересен начин на кажување на вистината, луѓето сакаат да имаш стил, да препознаваш, да ризикуваш многу, затоа што ризикот води кон успехот, најверојатно е тоа.

22Според вас, што е она што читателите сакаат да го прочитаат во една книга ?

Сакаат да прочитаат работи кои што им се случуваат, работи кои можеби немале храброст да си ги признаат сами на себе, и когаќе ги видат на хартија ќе си кажат „еј не сум само ја има и други“, сигурно е тоа емоција, емоција. Писателот не е новинар, ние не раскажуваме што се случило денес базирано на факти, ние работиме на крајот од денот со емоции, така да многу е битно да таа емоција е искрена, луѓето да ја почуствуваат и тоа е тоа, кога ќе допреш до нивната душа мислам дека си ја завршил работата.

Што да очекуваме во инднина на полето на книжевноста, дали можеби веќе имате идеја за нова книга?

Не, немам идеја за ништо јас, а не пак за книга (се смее). Не размислувам за тоа имам почнато нешто сосема спонтано, ќе видиме дали ќе се дотурка до крај. Не сакам да планирам, не смееш да ја брзаш уметноста, не смееш да ја брзаш инспирацијата, ако ти се случи ти се случи ако не тоа е тоа.

Моника Кочовска