Арсовска незаконски го назначила Алексов за директор на МКЦ, пресуди Управен суд

Управниот суд со пресуда го поништи решението на градоначалничката на Скопје Данела Арсовска за именување на привремен директор на Младинскиот културен центар (МКЦ), Никола Алексов. Одлуката на судот доаѓа по тужбата што ја покренаа вработените кои тврдеа дека Алексов, детектив по вокација, е незаконски поставен на директорската позиција, кога во јавноста се проширија реакции за смената на Ванчо Богоев и кратењето на буџетот на МКЦ.

Управниот суд ја донел одлуката на 28 април и пресуди дека назначувањето на Алексов за чело на МКЦ, односно решението за назначување од 17 јануари е незаконско поради суштествени недостатоци.

„Тужениот орган е должен да ги има предвид забелешките на судот дадени во оваа пресуда, да ги отстрани повредите на правилата на постапката, да ги има предвид сите одредби од Стаутот на МКЦ со кои е регулирана материјата во однос на вршител на должност директор и неговите права и обврски“, велат од Судот, пренесува Телма.

Радио МОФ се обрати до колегиумот од МКЦ. Бараат да се почитува судската пресуда за која, велат тие, од почеток биле во право.

„Градот постојано се повикува на законски процедури кога тие најдиректно го кршат законот и повторно, покрај судската пресуда, на истиот незаконски начин го именуваат истото лице за вд директор. Значи според реакцијата- не постои закон, ниту суд за нивните одлуки“, забележуваат од МКЦ.

Од МКЦ сакаат транспарентен, јавен конкурс за директор на Центарот согласно законските праметри, отворен за сите вистински професионалци во културата.

„Со одлуката на Управниот суд се поништува решението на вд директорот од 19 јануари, што значи: МКЦ немал овластено лице за потпис на ниедна одлука, тендер, договор, ангажман на лица. Тоа сериозно го доведува во прашање законското функционирање на институцијата“, нагласуваат од МКЦ.

Радио МОФ побара став и од Град Скопје, дали ќе ја почитуваат одлуката. Во писмениот одговор од градскиот кабинет стои дека „без да навлегуваат во лажните вести и сензационалистички наслови на некои медиуми, пресудата на Управниот суд е јавна, достапна и јасна“.

„Во истата, се наведува на технички пропуст во оспореното решение. Истиот пропуст во новото решение е отстранет по упатување на Управниот суд и е донесено ново. Ништо сензационално, туку редовна и нормална процедура согласно наодите на Управниот суд и законот“, велат од Градот.

Не ни одговорија на прашањето што понатаму со процесот за директор на МКЦ, со оглед дека колегиумот на Центарот бара јавен конкурс.

Инаку, смената на Богоев и поставувањето на детективот Алексов, но и намалениот програмски буџет на институцијата, досега беа причини за масовен протестен музички настан на платото на Центарот, за потоа движењето „Сите за МКЦ“ да организираа и протестна акција пред Град Скопје, но и акција на фестивалот „Земјотрес“. Беа собирани над 1.000 рачни потписи. Исто така, над 6.300 потписи преку онлајн петиција против политизирање на МКЦ и кратење на средствата.

МКЦ лани наполни 50 години. Од Град Скопје за јубилејот ја доби наградата „13 Ноември“ за развој на културата и афирмација на младинското творештво.

Бојан Шашевски