Младински културен центар: MКЦ е повторно мета на партиски мегдан

Од Програмскиот колегиум на Младинскиот културен центар (МКЦ) во своја јавна реакција велат дека МКЦ е повторно мета на партиски мегдан, откако денес од Град Скопје известија повторна смена на директорските позиции во неколку институции.

Од Програмскиот колегиум на МКЦ велат дека вчера, во попладневните часови, актуелниот в.д. директор на МКЦ, Ванчо Богоев, кој претходно бил дел од институцијата 36 години, бил сменет поради неподлегнување на „екстремните притисоци од Генералниот секретар на Град Скопје да потпише вработување за Арбен Шаќири“.

„Бидејќи, сега веќе екс директорот на МКЦ не ја потпиша таа одлука, од утре МКЦ има нов в.д. директор, Никола Алексов, дипломиран детектив, кој е примен пред два дена преку Агенција за привремени вработувања во МКЦ без никакво искуство и позадина во културна институција“, велат од МКЦ.

Од таму посочуваат дека и покрај добивањето на Наградата „13 Ноември“ за заслуги во областа на културата и масовната посетеност, годината започнала со лоши вести за иднината на МКЦ.

„Првата е онаа дека буџетот ни е доведен до само 8% од годишниот буџет со кој работевме минатите години, а веднаш потоа и последните случувања во начинот на инсталирање на директор во МКЦ“, велат од колегиумот.

„Овој допис доаѓа како потреба за разјаснување на ситуацијата која се наметна, истовремено и поради сомнежот во законитоста на овие решенија бидејќи со ова, се одбегнува повторно можноста да јавно се спроведе отворен конкурс за директор, на кој отворено и транспарентно би можеле да се пријават сите квалификувани професионалци од областа на културата“, се вели во реакцијата.

Град Скопје го менува директорот на МКЦ, нови директори добија ЗОО-Скопје и ЈП Водовод и канализација